БлогВести

Македонската држава после самитот на ОБСЕ – повторно во ќорсокак

За момент главниот град на македонската држава беше светски политички центар. Министрите за надворешни работи на најмоќните, најразвиените и најнапредните држави во светот се сретнаа во Скопје, на годишниот министерски состанок на Организацијата за безбедност и соработка на Европа со која во тековната година председавуваше токму македонската држава.

Во најтурбулентниот период на европскиот континент, но и во глобални рамки, македонската држава беше на чело на организацијата која беше синоним за европскиот мир и стабилност, која спојуваше различни блокови, политички идеологии и вредносни системи.

Но, сепак, таа организација повеќе го нема духот кој што го имаше во претходните неколку децении, од крајот на Втората светска војна па се до пред неколку години. Кога европскиот континент, благодарејќи на Украинската војна стана повторно извозник на нестабилност, наместо на мир и благосостојба.

Всушност, македонската држава оваа година, додека председаваше со ОБСЕ, претставуваше своевиден стечаен управник на оваа меѓународна угледна организации која ја има изгубено фактичката улога и моќ во меѓународните односи.

И така се случи и со самитот во Скопје. Беше премногу помпезен. Пратен од светските медиуми. Баш заради присуството на руските челници во една европска земја која ги има наметнато сите санкции на Европската унија против Руската Федерација. Ама само толку. Ништо повеќе.

Искусните дипломати би рекле дека сепак е тоа знак на затоплување. Дека прв пат руските челници седат на иста маса со европските шефови на дипломатиите, со американскиот државен секретар за надворешна политика – ама ситуацијата на теренот останува непроменета. Санкциите и понатаму се спроведуваат, а секојдневните жртви од војната станаа само статистичка операции – без никакви вредносни рамки за изгубениот човечки живот.

Па дури и да е ова почеток на крајот на непријателствата – помеѓу Русија и Украина, помеѓу Европската унија и Русија, помеѓу Вашингтон и Москва, останува отворено прашањето. Кој ќе ги врати изгубените животи? Кој ќе ги спои растурените семејства? Кој ќе ја врати довербата и пријателството помеѓу украинскиот и рускиот народ, така блиски, слични, а така закрвавени?

И македонската држава е тука некаде. Со бројни неодговорени прашања кон своите граѓани. Зошто и понатаму живеат сиромашно? Зошто и понатаму нивните најмлади се небезбедни и покрај членството во НАТО? Зошто цели семејства се иселуваат барајќи подобри услови за живот.

Всушност, политиката е насекаде иста, и домашната и меѓународната. Втемелена на бројни и суштински неодговорени прашања кон нацијата, народот, граѓаните и светската популација.

Никој нема да одговори зошто успешниот ОБСЕ пропадна. Никој нема да одговори која беше цената за милионските директни и посредни жртви од Украинската војна. Никој нема да одговори зошто се македонските граѓани и понатаму жртва на транзициската политичка елита?

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button