Отворен Балкан

Отворен Балкан е регионална иницијатива создадена од Србија, Македонија и Албанија која е посветена на обезбедување услови за практикување на четирите европски слободи за што е можно повеќе граѓани и компании на Балканот. Отворен Балкан е засилувач на регионалната соработка и поврзаност кога станува збор за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.

Во моментов трите држави ја водат и развиваат иницијативата која има политика на отворени врати, особено за другите земји од Западен Балкан како Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, но и за другите земји од регионот – членки на ЕУ.

Се поврзуваме за развој на нашите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и за негов долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани.

Се работи за интеграција, наместо дезинтеграција, се работи за отворени наместо затворени граници, се работи за слобода наместо за ограничено движење, се работи за олеснување, наместо усложнување на процедурите, се работи за соработка наместо за непријателство, за напредок, наместо уназадување.

Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера за нашите луѓе веднаш да ја почувствуваат користа од она што го нудиме. Очекуваме таа полезност да биде почувствувана наскоро во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани.

Од политички аспект, Отворен Балкан е насочен кон забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и кон придонесување за секоја од земјите што поскоро да стане членка на Европската Унија.

Back to top button