
Драмски театар Скопје на 5 декември ќе гостува во Белградското драмско позориште со две претстави. Белградската публика ќе може да ги погледне монодрамата „Џеки“ во 18 часот и комедијата „Болва в уво“ во 19.30 часот.
Гостувањето ќе започне на Малата сцена „Пепи“, каде што во рамките на програмата МоноРУТА ќе биде изведена „Џеки“ по текст на Елфриде Јелинек. Во монодрамата, во режија на Жива Бизовичар, настапува Трајанка Илиева.

На Големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ ќе биде изведена „Болва в уво“ од францускиот драмски автор Жорж Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов. Во комедијата, еден сомнеж поттикнат од љубомора предизвикува низа недоразбирања, неочекувани средби и замени на идентитети.

Еден мал сомнеж во љубовта е доволен за да почне низа недоразбирања. Вратите се отвораат во погрешен миг, љубовниците се среќаваат во погрешни соби, а секој обид да се среди ситуацијата создава нова забуна. Во оваа комедија на мајсторот на француската фарса, темпото се забрзува со секое ново недоразбирање.
Во претставата играат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска-Лаковски, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.
Фестивалот РУТА, кој ги обединува театрите од регионот, ќе се одржи од 1 до 7 декември во Белградското драмско позориште.


