Култура

„Записи од Македонија“ на Милутин Станчиќ промовирана во Белград

Книгата „Записи од Македонија“ (Записи из Македоније) на Милутин Станчиќ, еден од основачите и прв човек на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, ја имаше својата промоција во култната книжарница „Геца Кон“ на Кнез Михаилова во Белград. Оваа збирка патеписи и репортажи од печат излезе во септември годинава во издание на Службениот весник на Република Србија.

„Првите записи и некои првични идеи се појавија уште од 2017 година, но имаше сомнежи дали да се објават, да се публикуваат, во кое издание и во кој обем. Подоцна животот со својот забрзан тек ги сечеше годините, селата и новите коти, се редеа приказни, мислам дека самите наслови зборуваат за силните жици, за симболиката и семантиката, преку топонимско значење, а сето тоа е проткаено со живите реални луѓе, учители, клисари, селани, академици, свештеници, пустиници… Бакарно гумно, Гостивар, Богомила, Стровија, по тажните патеки на Кајмакчалан, Псача, Кучевиште, со воз до Гостивар… Тоа се тие патувачки слики, интересни луѓе и живописни предели на Македонија. Покрај тоа, користев и бројни историографски извори и сведоштва, етнографски и географски студии за ова поднебје. На овој начин мислам дека ја разоткрив трагичната судбина на српскиот народ на територијата на денешна Македонија, иако книгата е патопис, а не научен труд, на виделина изнесов некои заборавени или маргинализирани историски факти…“, посочи Станчиќ.

По белградската промоција се очекува „Записи од Македонија“ да биде промовирана и во Скопје, како и во другите градови на Србија и Македонија.

Инаку, Милутин Станчиќ е професор по македонска и јужнословенска литература и српски јазик, а дипломирал на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Книжевноста е негова преокупација уште од студентските денови, па во Центарот „Спона“ се појавува како творец и модератор на многу литературни работилници, на кои се разговарало за познати српски писатели, како и за делата на македонските автори преведени на српски јазик, а организатор е и на бројни трибини, поетски средби, изложби, детски работилници…

Станчиќ во два мандати беше директор на Управата за развој и подобрување на образованието на малцинските заедници во Македонија.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button