БлогВести

Македонскиот идентитет – со историја се докажува, ама со работа се одржува

Македонскиот идентет е главна политичка тема во македонската држава последните 30 години, од чинот кога државата ја стекна својата независност. Прво се докажуваше во рамките на Обединетите нации, заради спорот со Грција. Потоа се докажуваше во рамките на НАТО, па 2008 година беше докажан, ама македонската држава не го доби заслуженото место во НАТО. А подоцна политичката елита која владееше од 2006 до 2017 година велеше дека го цементирала. А за сето тоа време македонската држава како да се оддалечуваше и од НАТО и од Европската унија. Иако тоа беа клучните надворешно-политички цели на тогашната влада, како и на секоја претходна, како и на секоја наредна, се до ден-денес.

И потоа се случи нешто неочекувано. Се промени името, се додаде географска одредница, ама како велат политичарите, идентитетот бил заштитен, како и македонскиот јазик. И впрочем така изгледаа нештата во реалноста. Државата доби ново име, но македонскиот народ си остана македонски и продолжи да зборува македонски јазик – како е запишено и во Обединетите нации после потпишувањето на Преспанскиот договор.

Така во меѓувреме беше докажан и македонскиот идентитет во рамките на НАТО. Македонската држава стана полноправна членка, а македонскиот јазик стана еден од официјалните јазици во рамките на НАТО.

Ама нештата се закомплицираа после потпишувањето на договорот со Бугарија. Бугарија ја продолжи својата автентична политика кон македонската држава, македонскиот народ и македонскиот јазик.

Иако станува збор за држава која прва ја призна независноста на македонската држава под уставното име, иако станува збор за држава која барем декларативно вели дека членството на македонската држава во НАТО и ЕУ претставува и нивен национален интерес, сепак нивните делувања во пракса го сведочат спротивното. Прво, две години ја држеа во заложништво европската перспектива на Скопје, а после тоа, прифатија со таканаречената Француска платформа да овозможат доделување почеток на преговори, ама првата меѓувладина конференција ја условија со менување на македонскиот устав и со додавање на бугарскиот народ во него.

Ама во Скопје политичките прилики се такви, без пратениците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, невозможно е да се промени уставот и да се додат Бугарите, заедно со сите други националности и малцинства кои веќе се наброени.

Ама еве ова е прилика да се испрати порака на македонските политичари. Не е негирање на македонскиот идентет ако се додадат Бугарите – впрочем со тоа се поништува и нивната носечка теза, дека Македонците се Бугари – доколку бараат во устав во кој се наведува македонскиот народ да биде наброен и бугарскиот. Всушнот ја признаваат реалноста – дека постои и македонски и бугарски народ.

Второ, впишувањето на бугарскиот народ во македонскиот устав не може ниту да го доведе во прашање, нити да го загрози суверенитетот на Македонците во македонската држава. За тоа се свесни и Бугарите, па и оние кои велат дека во македонската држава живеат околу 100.000 граѓани кои се изјаснуваат како Бугари, иако сите тие, барем 99 посто поседуваат бугарски документи само заради можноста да работат на единствениот европски пазар.

И за крај, време е да ги тргнеме на страна сите бугарски адути и конечно македонската држава да има чистина на патот кон Европската унија. Не заради самата Унија, туку заради можноста македонскиот народ да биде конкурентен, но и конечно да разбереме, дали Брисел навистина планира да не интегрира или ќе ја продолжиме истата игра на условувања во наредните 30 години, како и во претходните 30.

Затоа што не постои друга опција за македонскиот народ, за македонскиот идентет во современите меѓународни односи. Не се заштитува и чува со војни и непријателства – туку со јака економија и благосостојба за граѓаните, не се заштитува и чува со политички памфлети и „чукање во гради“, ами со вредна работа, докажување, креирање услови за иднина на младите и поставување темели на одржливост. Сето друго се празни политички беседења кои немаат никаква функција – веќе само штетат.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button