
Традиционалната манифестација „Сите заедно“, во организација на здружението „Македонски бисери“, во Пландиште обедини претставници на седум национални заедници по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември. Преку песна, игра, музика и рецитации, учесниците од српската, македонската, унгарската, романската, словачката, словенечката и ромската заедница ги претставија своите култури и традиции.






Во програмата учествуваа ученици кои го изучуваат македонскиот јазик, пејачката група „Македонски бисери“ од Пландиште и КУД „Свети Сава“ од Велико Средиште, кој настапи со македонски ора од Крива Паланка. Училишниот хор од Пландиште, под раководство на наставничката Ивана Градишар, изведе две македонски песни, на одушевување на преполната сала на Културно образованиот центар во Пландиште.


На манифестацијата присуствуваше и Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во технички мандат.
Манифестацијата беше посветена на заедништвото, меѓусебното почитување и негувањето на културните различности.
Извор: Национален совет на македонското национално малцинство во Србија — Facebook: https://www.facebook.com/nsmnm.rs



