Вести

Почина Борче Величковски – лидер на македонската заедница во Србија

На 51 годишна возраст, на 10 март почина Борче Величковски – лидер на македонската заедница во Србија. Комеморацијата и погребот одржани се во Панчево, во присуство на голем број припадници на македонската заедница во Србија, но и колеги од другите национални совети на националните малцинства во Србија, претставници на македонската амбасада во Белград и Владата на Република Србија. На Комеморацијата се прочитани телеграми на сочуство од страна на актуелниот македонски претседател Стево Пендаровски, како и поранешниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов. Од страна на Владата на Република Србија, од Величковски се прости државниот секретар во Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог Иван Бошњак, додека во име на колегите и македонската заедница во Србија се обрати Зорица Митровиќ од Македонскиот национален совет.

Борче Величковски беше лидер на македонската заедница во Србија, долгогодишен претседател на Македонскиот национален совет, идеен творец на концептот МАКОС – македонски обединети сили и автор на првата Стратегија на функционирањето на македонската заедница во Србија 2013 – 2023 година.

Роден е во Крива Паланка 1973 година, се школувал, работел и живеел во Панчево, Србија. Има долгогодишно искуство во активизмот за заштитата на човековите и малцински права. Член е Националниот совет на македонското национално малцинство од неговото основање во 2004 година, а од 2010 и негов претседател. Во време на неговите мандати (2010 – 2014, 2014 – 2018, 2018 – 2022 и последниот кој започна 2022) направени се големи исчекори во работата на Македонскиот национален совет, посебно во областа на образованието – Македонскиот јазик со елементи на националната култура воведен во образовниот систем на Србија како изборен предмет во 2012 година и денес се изучува како изборен предмет во 11 основни училишта во Србија; службена употреба на јазикот и писмото – македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се во службена употреба во општината Пландиште, како и населените места во градот Панчево: Јабука и Качарево. Во 2013 година, усвоена е и првата Стратегија за работата на македонската национална заедница во периодот 2013 – 2023, во која што Величковски, како автор ја дефинираше поставката на македонската заедница во Србија врз три столба: државниот – кој го претставува Националниот совет, како државна институција на Република Србија; општествениот – кој го претставуваат организациите односно македонските здруженија во Србија, обединети во сојузот наречен САМС и политичкиот – дефиниран за политичката партија на Македонците, но до сега не е ставен во функција и полза за македонската заедница во Србија. Овие три столба се и оските на концептот МАКОС – македонските обединети сили во Србија.

Тој е и иницијатор, суоснивач и оснивач на голем број на организации и струковни здруженија во Србија, како што се Националниот Ансамбл за народни песни и ора “Тоше Проески” кој сега функционира како Центар за заштита на традицијата и посебноста на Македонската заедница во Србија, Форумот на млади Македонци, Друштвото на интелектуалци Македонци “Лоби Клуб“, Фондацијата на македонската култура “Македонско сонце“, Друштвото на писателите Македонци во Србија, Друштвото на ликовните уметници Македонци во Србија, и Централната библиотека на Македонски јазик. Покренати се емисии на електронските медиуми, како и низа манифестации од кои најпозната е “Себеси во походи“ признаена како манифестација од значење за Автономната Покраина Војводина и Република Србија, Денови на македонската култура во Белград, Нови Сад и Ниш, оформени се драмски и рецитаторски секции, спроведени низа проекти како што е “Татковината чука на твојата врата”. Одржувани се прослави на Илинден, 8 септември, 11 октомври и 11 декември – денот на Советот. Бил претседател на Здружението на припадници на македонското национално малцинство за Јужнобанатски округ „Вардар” Панчево, подружница Јабука од 2002 до 2004 година и претседател и координатор на КУД „Васил Хаџиманов“ 2001 – 2007 година. Во периодот 2008 – 2010 година бил и вд директор и главен и одговорен уредник на  Новинско издавачката установа „Македонски информативен и издавачки центар”.

Знамето на Македонскиот национален совет во Покраинскиот парламент – Војводина
Седница на Координација на националните совети на националните малцинства
Со актуелниот претседател на Република Србија

Соработката со републичките, покраинските и локалните власти е поткрената на највисоко ниво, а исто така и со институциите во матичната држава, што резултираше помеѓу другото и со праќање на голем број студенти Македонци од Србија, стипендисти на студирање во татковината. Воспоставени се одлични односи со највисоките функционери на двете земји што резултирше со нивни посети на Националниот совет, посебно во прилика кога се одбележуваше јубилејот 70 години од преселувањето на Макеоднците во Војводина (2016).

Обраќање на свечената академија по повод одбележувањето на јубилејот 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина
Обраќање на претседателот на РС Томислав Николиќ на свечената академија по повод одбележувањето на јубилејот 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина
Обраќање на претседателот на РМ на свечената академија по повод одбележувањето на јубилејот 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина

Во истата прилика иницирано и е реализирано збратимувањето помеѓу Крива Паланка и Јабука, потпишано во присуство на двата претседатели на државите. По повод одбележувањето на јубилејот снимен е и документарен филм ,,Плодовите на еден даб” во продукција на Македонскиот национален совет.

Збратимување на Крива Паланка и Јабука

Учесник е, воведничар и предавач на голем број семинари, тркалезни маси и конференции на тема човекови и малцински права во организација на цивилни организации, државни органи на Р.Србија и меѓународни институции. Во 2015 година го претставуваше Македонскиот национален совет и во Европскиот парламент во Брисел.

со колегите од Националните совети на националните малцинства во Европскиот парламент во Брисел

Борче Величковски беше претседател на Координацијата на Националните совети на националните малцинства, во периодот 2012 – 2013 и 2020 – 2023 година. Беше член на Работната група на Владата на Р.Србија за изработка на Акционен план за поглавието 23 во процесот на интеграциите на Република Србија во ЕУ и на Мешовитата меѓувладина комисија за следење на Спогодбата за правата на српското национално малцинство во Р.Македонија и македонското национално малцинство во Р. Србија.

Добитник е на многубројни награди, меѓу кои се и наградата за интеркултурален дијалог-Здружение на Евреји и нивни пријатели „Шалом Тора”, високо признание за исклучителен придонес и заслуги на полето на афирмацијата и зачувувањето на правата на македонското национално малцинство во Србија – Награда „Македонско сонце” а добитник е и на Орденот за заслуги за Македонија (четврто по важност државно одличје), кој му го додели македонскиот претседател др Ѓорѓе Иванов. Во време на неговиот мандат во 2013. година, Македонскиот национален совет го доби високото признание ,,Повелба на Република Македонија“

Покрај неуморната работа во Македонскиот национален совет, кој во 2024 година требаше да го одбележи и големиот јубилеј 20 години од основањето, неодамна објави и три свои книги – романи ,,Битка за земјата” ,,Дневник за една младост” и збирка на поезија ,,Сонет за Адела” посветен на неговата сопруга.

Беше оженет со Адела Мерча-Величковска, дипломирани пијаниста и професор по клавир во музичкото училиште „Јован Бандур“ во Панчево, со која има три ќерки, Теодора ,Елена и Јана Величковска.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button