Знаменити Македонци во СрбијаМакедонски ликовни уметници во Белград

Димитар Кондовски

Димитар Кондовски е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Контроверзен и харизматичен како личност и како творец, Кондовски зад себе остави творечки опус чии димензии се сеуште несогледливи. Неговите дела ја одбележуваат блескотната трага на еден творечки дух кој пробиваше нови и дотогаш непознати патичта во уметноста, патишта кои и денес, на мапата на современата македонска ликовна уметност, ги покажуваат актуелните насоки на движење.

Роден е во Прилеп, 1927 година. Основно и средно образование завршил во Скопје, а Академија за ликовни уметности во Белград, во 1952 година, во класата на проф. Недељко Гвозденовиќ. Во 1958 година е на студиски престој во Париз. Во текот на 1961/62 година специјализира ѕидно сликарство во Рим.

Автопортрет
Бел цвет на месечина
Големиот цвет на јужниот крај

Има особено значење за развојот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, критика. Бил професор на Педагошката академија во Скопје.

Во почетокот, во неговото сликарство се чувствуваат влијанија од Париската школа. Подоцна оформува автохтон геометриски израз, кој има основа од влијанието на средновековното сликарство и ориенталната орнаментика, додека во начинот на изработка на делата, користел технологија која е карактеристична за изработката на икони.

Крсте Петков Мисирков
Мртва природа – Велигденска
Никола Јонков Вапцаров

Со еден широк зафат во фолклорната ризница на Македонија, Кондовски ќе се обиде да го дофати и задржи она што е дојдено до нас од непресушните извори на традицијата во крајно прочистена форма – она што како скапоценост блеска меѓу седиментните наслојки на историјата кристализирано под притисокот на времето. Димитар Кондовски ги презема главните теми од естетичката проекција на историската авангарда и модернистичкото движење, надоврзувајќи се на една долга традиција, која преку средновековната уметност, своите основи ги има во античката уметност и филозофија, давајќи, воедно, сопствен творечки придонес во опстојувањето на овие идеи и на почвата на Македонија.

Перуники
Петре Прличко
Полиптих

Една од карактеристиките на творечкота дејност на Димитар Кондовски е настојувањето неговите дела да бидат во постојана комуникација со публиката за да ја остварат сопствената профетска функција во општествената заедница. Упорното инсистирање на поврзувањето со најшироките народни слоеви и вкличувањето во популарната култура несомнено кореспондира со идеите од тоа време, или поточно се јавува како реакција на евидентниот расчекор меѓу политичката теорија и пракса, меѓу идеалите и реалноста, кој кај Кондовски создава критичка свест за местото и улога на уметник во општествената заедница.

Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 год. Награден е на 8 Медитеранско Биенале 1963 год., 3 Триенале во Белград, со Октомвриска награда за сликарство во 1964 год. и др.

1979

Како еден од пионерите на подрачјето на ликовно –графичкото обликување во Македонија, Кондовски има опремено неколку стотици книги, голем број учебници, весници, списанија (особено за деца – на македонски, албански и турски јазик), потоа јубилејни изданија, монографии и плакати, со повеќе од 20.000 илустрации.

Автор е на над 200 сценографски решенија за телевизиски емисии, за драмски, балетски и оперски претстави, меѓу кои за оперите: Орфеј, Кнез Игор и Медиум, пиесите Бегалка и Татко, за тв серијата за деца Крстословка и за многу други.

Околу 200 негови дела се наоѓаат во разни државни и приватни колекции, во галерии и музеи во Македонија и во светот. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Почина в Скопје 1993 година.

Автопортрет 1991

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button