ВестиКултураМакедонија

На денешен ден е роден Блаже Конески- стожерна личност кој сестрано ја обележа својата епоха

На денешен ден е роден Блаже Конески, истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог, јазичар, преведувач и професот на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско), од мајката Цака. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо). Блаже Конески имал сестра Милица. Основното образование го започнал во Небрегово, каде семејството живеело седум години по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде ги продолжил студиите по филологија, дипломирајќи во 1944 година. Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески студирал на Универзитетот во Белград како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев.

По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор. Притоа, тој го предавал предметот историја на македонскиот јазик, а во текот на целата универзитетска кариера ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година бил декан на Филозофскиот факултет, а во 1958-1960 година бил ректор на Универзитетот во Скопје. Исто така, Конески работел и како уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Во 1967 година станал член и на МАНУ и прв претседател, а таа функција ја извршувал до 1975 година. Покрај тоа, Конески бил дописен член на академиите на сите републики на Југославија, во 1968 година станал почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, а бил почесен доктор и на Универзитетот во Вроцлав.

Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата, итн.). Исто така, тој е истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.

По ослободувањето на Македонија, Конески активно се вклучил во стандардизирањето на македонскиот јазик: ја изработил граматиката на современиот македонски јазик, го составил правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател. Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав.

Конески, работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“, каде биле објавени негови песни и прилози, како: „Ангелот на Света Софија“, расказот К„рчмите“ (по кој била снимена првата македонска ТВ драма), и други текстови.

Во областа на книжевноста, Конески пишувал претежно поезија, но исто така и раскази. Неговите песни се застапени во сите антологии на македонската поезија, објавени во Македонија и во странство, а книги со избор од неговото творештво се објавени на повеќе јазици, како: германски, англиски, француски, турски, руски, украински, романски, грчки, унгарски, полски, дански, италијански итн. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).

Своите први песни Конески ги напишал во еден стар нотес меѓу 1941 и 1945 година, а нотесот случајно го зачувал Владо Малески. Подоцна, тие се објавени како циклусот „Од стариот нотес“, објавен во списнието „Современост“, VIII, бр. 3 од 1958 година. Потоа, во 1945 година, тој ја објавил поемата „Мостот“, која најпрвин се појавила како посебна книга (издание на „Култура“), а потоа била вклучена во збирката „Земјата и љубовта“ од 1948 година.

Конески се занимавал и со преведувачка дејност. Така, тој превел на македонски јазик повеќе странски дела, како: „Горски венец“ од Петар Петровиќ Његош (1947), „Лирски интермецо“ од Хајнрих Хајне (1952), „Отело“ од Вилијам Шекспир (1953), „Поезија“ од Александар Блок (1966) и „Крштавање на Савица“ од Франце Прешерн (1980).

Како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Конески е еден од ретките поети кои не само што вложуваат толку напор да го осознаат самиот креативен процес туку имаат и смелост и капацитет сознанијата да им ги приопштат на идните читатели. Впрочем, најтипичниот пример е есејот „Еден опит“ во кој Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button