БлогВести

Македонските партии на изборите во Србија

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ на 15 фeвруари го распушти актуелниот состав на Парламентот и за 3-ти април 2022 година распиша предвремени парламентарни избори во Србија, кои ќе се одржат заедно со редовните претседателски избори. Истиот ден претседателот на Парламентот Ивица Дачиќ ги распиша изборите за советници во собранијата на градовите Бор и Белград, и советите на општините Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Лучани, Медвеѓа, Књажевац, Бајина Башта, Дољевац, Кула, Кладово, Мајданпек и Сечањ. И двајцата посакаа успешна кампања со желба сѐ да помине во демократска атмосфера и граѓаните на Србија да се изјаснат како ја гледаат иднината на својата земја и кому му ја даваат најголемата доверба.

Дел од политичкиот мозаик во Србија се и трите партии на Македонците во Република Србија, Демократската партија на Македонците (ДПМ), Партија на Македонците во Србија (ПМС) и Македонската странка на Србија (МАКСС) кои скоро неодминливо учествуваат во политичката борба, иако најчесто досега како дел од коалициите на условно речено поголемите партии. Таков е случајот и овојпат, па така  ПМС и МАКСС се дел од опозициската коалиција Обединета Србија на републичко и ниво на град Белград, додека третата партија која воедно е и најстарата партија – ДПМ донела одлука да не учествува на овие избори.

По повод одржувањето на изборите и учеството на партиите на Македонците во Србија на овие избори, редакцијата на порталот Мак инфо реализираше разговори со претседателите на споменатите партии, со цел добивање на став во однос на кампањата и очекувањата, изборни но и постизборни.

Претседателот на Македонскиот национален совет во Србија Борче Величковски на оваа тема кратко истакна дека Националниот совет не се занимава со ваква врста на политика и така ке продолжи и понатаму.

Симбол на македонската заедница во Србија

За личните и партиски очекувања од изборите, претседателот на ПМС Горан Илијевски истакнува дека тие како дел од коалицијата Обединета Србија на републичко ниво имаат свој кандидат за пратеник во Собранието на Република Србија кој се наоѓа на 94-то место на кандидатската листа. Очекува да стане пратеник во идниот состав на Парламентот доколку оваа коалиција постане дел од власта после изборите, за што според неговите зборови постои реална шанса, дококу изборите бидат фер, демократски и без притисоци и фалсификати. Соговорникот нагласи дека ПМС како партија е потписничка на опозицискиот предизборен договор, но покрај кандидатот за пратеник немале други кандидати на овие избори. Во исто време од 2020 година наваму имале договор за заедничко делување со Демократската партија, во кој биле опфатени евентуалните постизборни придобивки, но не би сакал да споделува детали поради тоа што, како што истакнува Илијевски, постојат огромни притисоци па дури и непристојни понуди. Подвлече дека примарен став на партијата, како и на целата коалиција, бил дека во ниеден случај не би правеле никаква соработка со СНС, ни пред а ни после изборите. Илијевски во однос на кампањата подвлече дека истата е проследена со многу нерегуларности, огромни притисоци, валкани игри и подметнувања насочени кон опозицијата. Тој сепак нагласува дека е најважно да се исконтролира процесот на гласање за време на изборниот ден и доколку тоа било случај, тогаш опозицијата ќе била победник на изборите.

Останува нејасно колку и какви придобивки би имале Македонците во Србија или барем членовите од таа партија,  почитувајќи го приоритетот на опозицијата – несоработка со актуелната владеачка партија.

Претседателот на Демократската партија на Македонците во Србија Ненад Крстевски, наведува дека постојат две главни причини поради кои донеле одлука да не учествуваат на овогодинешните избори во Србија.

– Првата е поврзана со пандемијата на Ковид вирусот, но и поради тоа што не бил испочитуван претходниот коалициски договор кој го имавме со Партијата на правдата и помирувањето, па истиот е и раскинат пред извесно време, истакнува Крстевски.

На претходните парламентарни избори ДПМ учествуваше во коалиција со Партијата за правда и помирување на сега починатиот Муамер Зукорлиќ, но не оствари забележителен резултат, како ни на локалните избори во градот Панчево, каде што учествуваше во истата коалиција. Најголемиот резултат на оваа партија, всушност и најголемиот политички резултат на Македонците во Србија беше во 2012 година, кога Миле Спировски како претседател на ДПМ на листата на Српската напредна партија влезе во српскиот парламент како пратеник.  За жал, тоа не беше доволен поттик за развивање и унапредување на партијата, напротив од тогаш се отвораат проблемите кои траат до ден денес во однос на тоа кој е претседател на партијата и кој има мнозинство во главниот одбор. Сепак, оваа партија остваруваше резултати на локално ниво, во градот Панчево каде што во два наврати имаше одборник во градското собрание.

Претседателот на последно формираната Македонска партија во Србија Александар Паспаловски истакна дека нивното членство за сега е организирано во Белград, каде што имаат и градски одбор и затоа се одлучиле нивното прво учество на изборите да биде на локалните градски избори за Белград.

– Имавме преговори со неколку политички партии и движења, но се одлучивме да учествуваме на листата Обединети за Белград, бидејќи оттаму добивме најповолен односно најприфатлив предлог”. Паспаловски смета дека во Белград оваа листа има големи шанси и најдобри постизборни коалициони капацитети, така да се надеваат дека и Македонската партија ќе си го најде своето место тука. – Со голем елан и ентузијазам ја работиме оваа кампања, бидејќи ова се први избори на кои учествуваме, и правиме обиди да допреме до секој еден Македонец во Белград и да го запознаеме со партијата, партиската програма но и организираноста воопшто на Македонците во Белград и во цела Србија – истакнува Паспаловски, кој што се наоѓа на 41 место на кандидатската листа за град Белград.

Партијата засега немала доволно капацитети да учествува на парламентарните избори, или пак на локалните во некој друг град, бидејќи организирани биле единствено во Белград, тука им било  членството со кое што до сега работеле и затоа од тука почнуваат. Се надеваат на успех на овие избори, кој што би им овозможил да започнат да прават одбори и во други градови и места во Србија  каде што живеат Македонците.  

– Доколку оваа кандидатска листа на која што сум јас како претседател на партијата, сепак остане во опозиција во Белград, ние нема ништо да загубиме, напротив, би имале одборник, би биле повидливи, би го омасовиле членството, поподготвени и повеќе заинтересирани луѓе – Македонци кои ќе сакаат да учествуваат во наредниот изборен циклус, а со сето тоа секако би го зголемиле и потенцијалот на партијата за наредните избори – се надева Паспаловски.

Што се однесува до изборната кампања во Белград, во која што МАКС учествува, според неговото мислење, на неколку дена пред завршувањето, кампањата се одвивала во коректна атмосфера, при што изрази надеж дека така и ќе останело до самиот крај.

                Посакувајќи им успех, важно е да се апострофира неоспорниот заклучок кој се наметнува дека и двајцата претседатели на македонските партии – учеснички на изборите во Србија се дел од опозициската коалициска платформа и дека на 3-ти април се надеваат на пресврт во изборната волја на српските граѓани од последните 10-тина години и промена на владеачката структура на претседателско, републичко и на ниво на градот Белград. Дали припадниците на македонското национално малцинство ќе им дадат поддршка, со оглед на тоа дека на листите не партиципираат како претставници на своите партии, веќе како претставници на опозиционите партии, останува да видиме.   

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button