БлогВестиКултура

Проткајувањата во лириката на македонските поети од Србија

Крајпатни знаци наместо меѓи и граници

Пролегомена за двете огништа

Писателите се номади и кога се статични, тоест длабоко закотвени во просторите на својата родна земја, но нивниот дух е секогаш безграничен и слободен (а зошто да не и слободоумен), па не ретко тие и кога се вгнездени исклучиво во татковината, нивното творештво излегува надвор од локалните граници, ги премостува локалните бариери, или обратно – домашниот автор комуницира и ги користи придобивките на интернационалната литература.

Се разбира, не случајно, сведоци сме на бројни коинциденции, а не е мал бројот на авторите кои создавале и се уште создаваат надвор од територијалните, јазичните, идеолошките и егзистенцијалните рамки на матичната средина, која за едни е доволна и неменлива, а за други и променлива и непожелна.

Но, за разлика од дисидентите и оние кои се во принуден егзил, многу поголем е бројот на писателите кои го одбрале статусот на доброволен егзил и уметничкиот пат во странство.

Не навлегувајќи подлабоко во разгрнувањето на причините на секоја поединечна преселба или “бегство“, факт е дека миграцијата била најголема и ги опфаќала токму соседните земји. Така, во Република Србија, во минатото но и денес, голем е бројот на Македонците кои се дел од групната и организирана национална колонија во Панчево, Јабука, Качарево, Пландиште, Вршац, Глогоњ, Пожаревац, Белград, Зрењанин, Нови Сад, Лесковац, Врање, Ниш и Суботица, каде има здруженија, но Македонците се раселени, или како што обично се вели се расеани и во речиси сите други места.

Малцински права

Македонците во Србија и Хрватска, како национални заедници имаат најголеми малцински права, што им овозможува и на писателите со македонско потекло, како дводомни автори, да пишуваат и објавуваат и на македонски и на српски јазик и на хрватски јазик. На тој начин се остварува интеркултурната комуникација и јазичко-творечка интеграција, иако во принцип литературата во егзил секогаш е со предикат на историско-теориска маргинализирана позиција.

Дводомните писатели се често единствени и незаменливи посредници и катализатори меѓу културите на земјата домаќин и земјата на своите корени. Притоа, првото огниште и дом стануваат второстепени, па по кратко време туѓинството и странствувањето се однесува токму на нив. Така, по промената на позициите и ракурсите, доаѓа до замена на улогите и тезите и до мало но константно мешање на домицилното и (привремено или трајно) доселеното население.

Варијабилна проблематика

Компаративната имагологија, интеркултурната теорија и историја, рецентните постколонијални и културолошки литературни студии, но и други научно-истражувачки сфери и гранки, не случајно, се занимаваат и со оваа актуелна и варијабилна проблематика.

Нас, во овој наш оглед, посебно нé интересира конститутивниот дел на меѓукнижевната заедница, па акцентот ќе биде ставен врз проткајувањата на едната со другата средина, на новото книжевно писмо кое сé уште ги содржи примарните и наследени традиционални и носталгични конституенси, од една страна, и од друга страна – поврзувањето и спојот на искуственото и роднокрајното со универзалното и космополитското и новумите на урбаното и авангардното. Притоа, руралното и класичното се заменуваат и(ли) видоизменуваат, односно транспонираат и претвораат во и преку експерименталното и постмодерното.

Всушност, на процесот на создавање иманентна му е потребата и од пресоздавање, па и осознавање, речиси идентично како што “туѓинските“ писатели не можат да ја одбегнат херменеутиката на татковското потекло и татковинската припадност, ниту пак “вдомените“ писатели можат да ја избегнат еманципацијата и егзистенцијалната поврзаност со новостекнатиот статус.

Речиси паралелно и истовремено се испреплетуваат документарниот и фикционалниот дискурс, при што носталгичниот копнеж кон родниот крај и татковината – станува постојана инспирација, но и трајна подлога за иден наративен набој, сеопфатен творечки зафат и квалитетен евидентен резултат.

Судбински балкански контекст

Балканот, со право, може да се смета како поширок плурален простор, во кој традициите, културите и литературите се допираат, надополнуваат и проткајуваат. Поради честите преселби и миграции на народите од една на друга страна и место – се воочувале различностите, но и се намалувале разликите, претопувајќи се во мултијазичност и мултикултурност, кои интерферираат богатство од идентитети и меѓусебни влијанија, концепти и премиси, содржини и форми, новуми и вредности.

Заедничка црта на сродните и различните балкански јазици, но и на нивните национални специфики и засебности, е идејното и културно заедништво, односно (ние би го нарекле) судбинскиот балкански контекст. Заедничките административно-политички рамки, блиските историски настани, географската упатеност и поврзаност, јазичката и конфесионална сличност – сето тоа подразбира меѓусебна зависност и партиципација, па и реципрочна размена и соработка.

Интеракциските односи надвор од границите на одредени национални литератури – нужно доведуваат и (при)донесуваат до меѓукнижевната поврзаност и меѓупростор, со тенденции за надминување на тесните локални и национални рамки, поради корпусот на светската литература во која подеднакво (ќе) учествуваат т.н. “големи“ и “мали“ литератури.

Сопственото типолошко и стилско профилирање е збогатување, па со внимание и респект треба да се пречека и поддржи вклучувањето на книжевните појави и автори во две и повеќе литератури.

Компаративниот разглед на нацијата, јазикот и културата – нив ги поима како динамични ентитети кои се преклопуваат и преплетуваат, создавајќи повеќејазичност кај една нација и мултикултурност во еден јазик.

Говорејќи за билитералноста, односно полилитералноста, или за дводомните, односно двоприпадните автори, не можеме а да не посочиме дека писателите кои пишуваат на македонски јазик во странство, всушност, ги бранат и негуваат културните придобивки на македонскиот народ.

И српско, и хрватско, и наше

Во соседна Република Србија, тоа успешно со децении и години го прават: Виктор Шеќеровски, Душица Илин, Ристо Василевски, Илија Бетински, Ранко Бебекоски, Мирче Клечкароски, Бистра Илин и многу други.

Теоретичарите велат дека националниот идентитет е колективна придобивка која секој народ ја воспоставува за себе во односите со другите народи, а таа слика која е наменета за себеси битно се разликува од онаа што е наменета за другите.

Идејата за другите како одраз во кој, гледајќи ги другите, можеме да се видиме себеси, стана битен и составен дел на постмодерната критичка свест. Всушност, Другиот станува огледало во кое субјектот го пронаоѓа својот идентитет и воспоставува интегритет на својата посебност во однос на сликата која ја има за Другиот, а која самиот потсвесно ја создал.

Присвојувањето и асимилацијата, сред кулртурниот плурализам, впрочем, значи прифаќање на еден или друг јазик на “туѓата“ средина со желба да проговорат и да ги изразат своите творечки поттици во намерата да посведочат за автентичното постоење на едно автохтоно тло.

Во повеќејазичната и повеќеетничката средина, билингвизмот и полилингвизмот претставуваат значајно комуникациско средство, а дводомните писатели иако понекогаш или секогаш се чувствуваат како изолирани творци, со атипичен развој, сепак, се обидуваат од една страна да ја изразат и сочуваат својата специфичност и различност, а од друга страна да бидат неизоставен и неразделен дел од единствената и интегрирана заедничка целост.

Сегде и нигде

Денес, се чини, како никогаш досега – литературите не личат сосема една на друга.

Двотатковинските писатели (ако воопшто може да се имаат две татковини, кога никој и да сака не може да има двајца татковци или мајки), со телото се во егзил, а со срцето и мислите, па и со раката која пишува се во старата куќа/дом, постојано распнати меѓу тука и таму, меѓу некогаш и никогаш, ретко или воопшто не успевајќи да (се) почувствуваат овде и сега.

Нивната реалност е виртуелна, непостоечка и невидлива, сеедно дали егзилот бил нивен избор или не, тие сите ја чувствуваат екстериторијалноста, еквилибрираат и егзистираат како вистински номади – и секаде и никаде, ги издолжуваат рацете како столетни гранки, како мостови на два брега, со едно срце меѓу две татковини, кои и кога би сакале не би можеле да се сакаат и посакуваат подеднакво.

Писателот пишува за она што сонува, поточно за она што не му дозволува да сонува, она што го измачува и боли, што го прогонува и обеспокојува, па секоја буква е восклик и(ли) крик.

И, така, ако не ве прифатат дома, можеби ќе ве прифатат во новиот животен ареал, каде не попусто сте се упатиле, а ако и таму не ве угрее ладното сонце – едно е сигурно: родната грутка и стреа секогаш ве очекува и вистински ќе ви се израдува.

Новата татковина (и кога е вечна) е само замена за претходната. Треперат моите лозја зашто нема допир на раката која ги засадила. Лоза е тоа – метафорично, сликовито, доживеано и далекувидно пее поетот Ристо Василевски.

Па, ова нека биде и последната боледувана или сонувана крајпатна согледба, зашто, се чини, нема поубав епилог – од отворен поетски крај…

Проф. д-р Христо Петрески

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button