Македонскиот народ и граѓаните го одбележаа 11 Октомври, денот на народното востание, кога пукна првата пушка во Куманово и Прилеп за ослободување на македонскиот народ и граѓаните во Втората светска војна. Посебно е важен тој датум за македонскиот народ и за сите граѓани кои живеат на територијата на современата македонска држава затоа што токму на крајот на Втората светска војна за прв пат е формирана современата македонска држава во границите во кои постои и денес. За прв пат официјално се прифатени фактите за постоењето на македонската држава,
македонскиот народ, македонскиот јазик, култура и посебност.
Денес тој чин се одбележува како државен празник, па така државните делегации полагаат свежо цвеќе и венци на спомениците од Втората светска војна, на местата каде што македонските јунаци и партизани воделе битки против окупаторот. И се тоа е за почитување и поздравување, но никој во македонската држава не го оживува прашањето кој впрочем биле тие окупатори. Дали тоа беше тогашната нацистичка војска или пак војската на соседната држава Бугарија која постојано чини се да ги промени историските факти и така себе да се представи како администратор на територијата на современата македонска држава за време на Втората светска војска.
Истовремено, македонските политичари, со пустите желби што подолго да останат на власт, ја користат секоја прилика да им се додворат на таканаречените меѓународни партнери, вклучувајќи ги и оние од Софија, со цел себе си да се представат како најдобро решение за раководење на македонската држава, така прифаќајки услови и предуслови кои ниту една суверена, изграде и стабилна држава не би ги прифатила. И така од ден во ден, народот никој ништо не го прашува, а политиката си ги тера своите игри онака како го правеше тоа и традиционално во последните повеќе од триесетина години.
Од другата страна македонската држава се спрема за уште еден државен празник, 23 Октомври – денот на ВМРО. Денот кој се поврзува со Илинденското востание, со организацијата која макотрпно работела за независноста на македонската држава, ама која е истовремено во континуитет присвојувана од страна на бугарската држава. Впрочем, двата најголеми македонски државни празници се оспорувани од страна на бугарската држава која себе си се представува како афирматор на македонската државност и сувереност, како и на подржувач на европската интеграција. Некој ќе помисли дека станува збор за некаква комедија. Ама таква е реалноста. Ако за
македонската независност на крајот на Втората светска војна, Софија вели дека е тоа проект на југословениот лидер Јосип Броз Тито, за ВМРО и за Илинденското востание вели дека тоа е бугарска организација која се борела за автономија на македонската држава, ама во рамките на бугарската држава.
Замислете ја тезата на бугарската политика, на бугарската историја, на бугарската наука: „Бугарите се бореле за автономна Македонија“. Тоа е исто како да очекувате денес од современите Грци да се борат за автономна Атина, ама во рамките на грчката држава. Зошто тоа би го правеле доколку се грци кои ја доживуваат Грција како татковина? И зошто тоа би го правеле Бугарите кога е во прашање автономна Македонија ако бугарската држава им била татковина? Или можеби е направен голем фалсификат. Па некои етнички Македонци од страна на Софија се представени како Бугари само затоа што во тоа време имале официјални бугарски документи и се школувале во официјални бугарски училишта.
Историјата е една. Политиката може да ја толкува и целата историја и историските факти, ама вистината е една, како и историјата, како и историските факти. Можеме да ја злоупотребуваме за политички цели со години, со децении, со векови, ама таа ќе остане една и вистинска.