БлогВести

Албанската пролет во македонската држава

До скоро се чинеше дека албанскиот фактор во македонската држава е целосно консолидиран, дека сите политички субјекти на албанците во македонската држава се единствени и дека само тие имаат јасни платформи, стратегии и цели, додека пак нивните македонски сограѓани секој ден очите си ги вадат на секој начин само за да ги задржат владеачките фотељи.И така, наместо македонците да го научат рецептот на албанците во тоа како да се биде единствен, се чини дека албанците го научија македонскиот занает, па почнаа полека но сигурно зарада политиката да стануваат жестоки противници и непријатели помеѓу себе, и тоа само заради политичките фотељи.

Пред неколку години во албанскиот политички спектар во македонската држава се формираа нови опозициски партии, неколку политички субјекти од старата Демократска партија на Aлбанците кога веќе беше во опозиција. И тоа за никого не претставуваше изненадување, баш затоа што Демократската партија на Aлбанците веќе подолго време ја има изгубено својата престижна позиција помеѓу албанците во македонста држава, за разлика од првопласирана албанска партија Демократска унија за интеграција на Али Ахмети.

Ама сега нештата се променија токму во оваа партија, која е дел од владеачките коалиции во македонската држава до 2002 година до денес, со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, што значи уште малку полни дваесет години на власт, и тоа без никаков проблем, без никаква афера, без никакви турбуленции.Токму во албанската Демократска унија за интеграција на добро познатиот Али Ахмети се појави таканаречената група на пратеници и партиски функционери Огнените. Иако веќе скоро година дена траат внатрепартиските битки и се чинеше дека Ахмети умемее да ги задоволи сите страни, сепак нештата не успеаа да се задржат под контрола.

Изет Меџити, еден од порано најблиските соработници на Ахмети, заедно со уште еден број на истакнати функционери од оваа партија, се одлучија да формираат движење, да формираат нов албански субјект на политичката сцена во македонската држава и да го скршат ледод во непобедливата Демократска унија на интеграција, за која до вчера се чинише дека ќе биде таква каква е, во полн сјај и наредните дваесетина години.

Ахмети сега за прв пат ќе биде соочен со нови конфронтации на политичко ниво, со нови албански опозиционари кои ќе му ја растурат релаксирана позиција која ја имаше последните две децении.Сега останува уште да се види дали сетоа ова ќе се одрази и на позицијата на Демократската унија за интеграција во однос на задржување на власта. Односно дали таканаречените Огнени ќе одвлечат значителен дел од гласачкото тело на Ахмети или сепак ќе бидат маргинализирано новоформирано политичко крило.

Во секој случај митот за непобедливиот Ахмети одамна е изгаснат. Уште кога на минатите локални избори ги изгубија Гостивар и Тетово. Само што овој пат Ахмети не е само погоден од страна на опозициските сили, туку овој пат е погоден и од внатрешните фракции кои се фомираат во нов политички формат, нов политички субјект, нова главоболка за Ахмети, ама и за македонските политичари кои досега само имаа работа со тоа како да ги задоволат потребите и интересите на Ахмети, додека пак сите останати албански субјекти беа таму некаде на маргините, небитни и оставени.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button