Оддавање почит на жртвите на трагедијата во Кочани

По повод незапаметената трагедија во градот Кочани во Македонија, во попладневните часови на 16-ти март, претставници на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија предводени од претседателката Зорица Митровиќ, претседателот на Извршниот одбор Благоја Соколовски и секретарот Марјан Јованоски, како и други членови на Советот и повеќе припадници на македонската заедница во Србија, положија свежо цвеќе и запалија свеќи пред Амбасадата на Македонија во Белград.

Мислите и срцата на Македонците во Србија се со семејствата на 59-темина загинати и 163 повредени во трагедијата во Кочани. Припадниците на македонската заедница во Србија изразија искрено сочувство и посакаа никогаш да не се повтори ваква или слична трагедија. Истовремено изразија надеж и уверување дека Македонија како држава ќе излезе од оваа ситуација посилна, хомогенизирана и пообединета.

Македонскиот национален совет во Србија најави дека во вторник на 18 март 2025 година во сите свои регионални канцеларии во Србија или во канцелариите на македонските здруженија во сите поголеми градови во државата ќе отвори книги на жалост каде што сите оние кои што сакаат би можеле да изразат сочувство за настраданите.





