МагазинМАК Инфо ПродукцијаРецепти

Зелник – легендарна кулинарска класика во Македонија

Се сеќавате ли на зелниците или питите со домашно месени, расукани кори што ги правеа вашите баби? Дали можеби ја наследивте нивната страст кон месењето? Ако сепак не знаете да замесите домашна пита, можете да ја купите од некоја бурекџилница. Вртената пита се вистински специјалитет кој ги разгорува сите ваши сетила. Зелникот е легендарна кулинарска класика во Македонија . Самиот поим доаѓа од поимот „зелје“, што всушност се однесува на самите зелјести растенија кои се ставале во питата. Напролет домаќинките обично користеле коприва и штавеј, во лето – листови од цвекло, праз, пресна зелка, а во зима – кисела зелка. Го печеле под вршник, и обично се послужувал топол со кисело млеко или сирење. Често правеле и пити, т.н. „благи зелници“, најчесто со тиква, а некаде и со јаболка.

Ви ја претставуваме подготовката на зелникот, една полесна а превкусна варијанта.

Корите на овој зелник излегуваат како лиснати, благодарение на путерот со кој ќе треба да ги премачкате. Фил одберете сами, важно е тестото да го погодите. Тоа треба да биде меко како душа, а сепак да не се лепи за прстите.

Одиме на рецептот:

600-700гр брашно

20гр (половина коцка) свеж квасец

120 мл зејтин

1 супена лажица шеќер

½ супена лажица сол

Околу 350 мл вода 

200 гр путер за премачкување

За фил

2 страка праз

200 гр сирење

2 јајца

Подготовка

Се замесува тесто од горенаведените состојки. Тестото треба да е замесено на меко, затоа постепено додавајте од водата и брашното додека не дојдете до саканата цел.

Откако убаво ќе го изработите поделете го на два дела, еден поголем, друг малку помал. Оставете да одмори 15 минути, покриено со крпа.

Земете го едниот дел од тестото и расукајте го во круг. Целата кора намачкајте ја со путер, наросите брашно и исечете ја на делови, па преклопувајте еден дел врз друг, како на сликата.

Повторете го истото и со другиот дел од тестото. Покријте со провидна фолија или крпа и оставете да одмори 30-40 минути, а за тоа време подгответе го филот.

Празот исечкајте го на ситно и потпржете го со малку зејтин, колку да омекне. На страна издробте го сирењето додадете ги јајцата, а откако ќе се олади празот се соединете во една смеса.

Откако тестото ќе надојде, го земате прво поголемиот дел и расукувате повторно во кора,  малку поголема од големината на плехот во кој ќе печете бидејќи од неа треба да се направи витката на крајот. Плехот може да го намрсите или да го обложите со хартија за печење. Врз кората ставете од филот.

Расукајте го вториот дел од тестото во кора која ќе ја ставите одозгора. Со неа направете набори.

Направете ја витката и целиот зелник премачкајте го со зејтин, па избоцкајте го со вилушка.

Ставете да се пече во загреана рерна, најпрво на 200С а по 10 минути намалете на 180С. Печете околу 35 минути додека не порумени. Пред да ја исклучите рерната подигнете да проверите дали кората одоздола е печена.

Попрскајте малку со вода, и покријте со крпа 10тина минути.

Исечете на парчиња со големина по желба, земете чаша јогурт или кисело млеко и уживајте.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button