ВестиМакедонци во светот

Одби милионска понуда од Холивуд поради македонскиот јазик, а не можеше ни да каже дека е режисер – Горан Столевски зборува за неговиот успех

Веројатно не сте слушнале за Горан Столевски, пишува „Сиднеј морнинг хералд“ за режисерот родум од Македонија кој одрасна во Мелбурн, откако тој стекна признание со неговиот прв филм „Нема да си сама“. Филмот е снимен во Србија, откако Столевски одби понуда од три милиони долари од холивудски дистрибутер поради инсистирањето филмот да биде на македонски јазик.

Откако ја освои наградата за надобар краток филм на фестивалот „Санденс“ во 2018 година, „Холивудс фокус фичрс“ сакаше да го поддржи „Нема да си сама“, пред да увиди оти Столевски планира да го сними филмот на дијалектот на неговите предци.

– Тие ми понудија дополнителни три милиони долари да го снимам филмот на англиски, но ја одбив, на тој начин откажувајќи се од голем дел од приходот што требаше да го реинвестирам во филмот. Но тоа беше во многу среќна ситуација во која продуцентите ми дозволија да кажам не, бидејќи тие исто така требаше да го вложат нивниот приход – објаснува Столевски, кој додава оти биле потребни 35 години на многу комплициран живот за да го сними филмот, па затоа не бил подготвен на компромис.

Тој дополнително ја образложи неговата смела одлука.

Всушност е навредливо за мене кога филмовите се сместени во Источна Европа, а сите зборуваат на англиски. Читањето на превод навистина не е комплицирано – категоричен е Столевски.

Натприродниот хорор-филм во кој девојка станува вештерка во македонско село во 19-от век наиде на добри критики кога беше пуштен во ограничен опсег во кино-салите во САД, по премиерата на филмскиот фестивал „Санденс“. Критичарите го опишаа како „волшебен“, „хипнотизирачки“ и „чудесно оригинален“, а доби топол прием и на филмскиот фестивал во Сиднеј што завршува утре.

Вториот филм на Столевски „Of an Age“ беше избран да го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн во август, а режисерот со македонско потекло сега го снима неговото трето остварување „Housekeeping For Beginners“ во Скопје. Згора е во преговори за следните два филма што сака да ги сними, од 13-те сценарија што тој ги напиша.

– Бев подготвен да постигнам успех прекуноќ за 20 години. Последните три години немаат смисла, земајќи предвид што се случуваше во претходните 17 години. Бев невработен долго време како режисер што се мачеше. Немаше воопшто да се наречам филмаџија, бев само невработен – вели 36-годишниот Столевски, јавувајќи се преку апликацијата Зум во разговор за австралискиот весник.

Столевски почнал да гледа видеа во школската библиотека во Мелбурн, каде што се досели со неговото семејство од Македонија кога имал девет години. А веќе до 12-та година гледал 300 до 400 филмови годишно. Откако решил да стане режисер на 11-годишна возраст, тој снимил 12 кратки филмови на 10 различни јазици, додека пишувал и сценарија.

Извор
Агенција за иселеништво

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button