ВестиКултура

Денови на македонскиот филм во Белград: проекции, средби со автори и „Приказната за Силјан“

Од 12 до 14 ноември 2026 година, во културната установа „Пароброд“ во Белград се одржа Втората ревија на македонскиот филм во Србија. Тридневната програма на ревијата, чиј организатор е Јорданчо Петковски, опфати два играни, еден документарен и четири краткометражни филма, како и разговори со режисери, мастерклас, архивски филмски журнали и музички настапи. Влезот за сите програми беше бесплатен.

Македонската кинематографија во последните години постигнува исклучителни резултати на меѓународната филмска сцена. Нејзините автори освојуваат престижни фестивалски награди, нивните филмови добиваат меѓународни признанија и номинации, а одредени остварувања стигнуваат до најзначајните светски дистрибутери и публика. Сепак, и покрај овие успеси, македонскиот филм во Србија сè уште е недоволно присутен и недоволно познат на пошироката публика. Во тој контекст, во Културниот центар „Пароброд“ во Белград се одржа Втората ревија на македонскиот филм во Србија. Програмата опфати избор на играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастерклас и придружна музичка програма

Во центарот на ревијата беше документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, едно од најзначајните меѓународни остварувања на современата македонска кинематографија. Котевска претходно постигна светски успех како корежисерка на „Медена земја“, филм што беше номиниран за „Оскар“ во две категории.

По светската премиера на 82. Филмски фестивал во Венеција, каде што ја освои наградата „Cinema and Arts Award“, „Приказната за Силјан“ го продолжи својот меѓународен пат. Филмот освои две награди од Меѓународната документарна асоцијација (IDA), за најдобар долгометражен документарен филм и за најдобра фотографија. Доби две номинации за „Еми“, како и номинации за наградите „Critics Choice Documentary Awards“ и на Здружението на продуценти на Америка (PGA). Беше избран и за официјален кандидат на Северна Македонија за „Оскар“ во категоријата за најдобар меѓународен долгометражен филм. Правата за светска дистрибуција ги презеде National Geographic Documentary Films. Котевска освои и две признанија за режија и продукција на „Wildscreen Panda Awards“, познати како „Зелени Оскари“.

Инспирирана од македонската народна приказна за момчето Силјан, кое по расправија со татко му се претвора во штрк, Котевска изгради документарна приказна за македонскиот земјоделец Никола Цонев, неговото семејство и економската неизвесност со која се соочуваат. Преку необичното пријателство меѓу Никола и повредениот бел штрк, режисерката отвори прашања за опстанокот, припадноста, семејните односи и врската на човекот со природата. На завршната вечер, покрај проекцијата, програмата опфати и разговор со Котевска за нејзиното творештво и меѓународниот пат на нејзините филмови.

На програмата беше и „Исцелител“, игран филм на Ѓорче Ставрески и црна комедија со елементи на општествена сатира. Преку приказната за автомеханичар кој се обидува да го излекува својот болен татко, Ставрески проговори за македонското општество, здравствениот систем и човечката потреба за надеж. Филмот имаше светска премиера на фестивалот „Tallinn Black Nights“, беше прикажан на повеќе од 90 фестивали, освои низа меѓународни признанија и беше македонски кандидат за „Оскар“. По проекцијата, публиката имаше можност да разговара со режисерот.

Во рамките на ревијата, Ставрески одржа и мастерклас под наслов „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на улогата на тензијата во филмското раскажување.

Вториот игран филм беше „Балканот не е мртов“, историска драма во режија на Александар Поповски, со Никола Ристановски во главната улога, по сценарио на Дејан Дуковски и со музика на Кирил Џајковски. Во филмот, судбината на едно македонско семејство од Битола на преминот од 19 во 20 век се испреплете со приказната за патувањето со „Ориент експрес“. Остварувањето ги спои семејната драма, историските превирања и прашањата за балканскиот идентитет.

Посебно место во програмата зазеде блокот од четири краткометражни филма: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески. Преку различни авторски пристапи, филмовите отворија прашања за идентитетот, меѓучовечките односи, семејните очекувања, растењето и општествените норми. Меѓу авторите беше и Ѓорѓи Унковски, кој по „Пепи и Муто“ постигна меѓународен успех со „Налепница“ (Sticker) и „Диџеј Ахмет“ (DJ Ahmet). Со „Диџеј Ахмет“ на фестивалот „Санденс“ ги освои наградата на публиката и специјалното признание на жирито.

Продуцентот Јорданчо Петковски им се заблагодари на Вардан Тозија, Тамара Котевска и Нина Радијчиќ за нивниот придонес во создавањето на ревијата, како и на „Тиквеш“ и „Филмске новости“ за поддршката во нејзината реализација.

Програмата беше збогатена со проекции на архивски филмски журнали што понудија дополнителен поглед кон филмската и културната историја на Македонија. Дел од материјалите дотогаш не биле прикажани пред пошироката јавност.

Ревијата заврши со настап на џез-трио, со избор на филмска музика и композиции инспирирани од македонското музичко наследство.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back to top button