Во Србија минатата недела се одржаа парламентарните и локалните избори. Владеачката партија ја потврди својата популарност освојувајќи апсолутно мнозинство на пратеници во српското собрание. Од другата страна, разочараната опозиција најавува кривични пријави, најавува пријави за, како тврди, кршење на изборните правила, најавува граѓански протести, тврдејќи дека резултатите се фалсификувани, пре се во главниот град во Белград.
Но, да бидеме прецизни, добрите резултати на владечката партија во Србија не е никаква новост, имајќи ја во предвид нејзината популарност. А кога е во прашање опозицијата, ниту таквото нејзино пост-изборно однесување не е никаква новост, затоа што во изминативе десетина и повеќе години секогаш ги бираат сличните механизми во пост-изборната политичка битка.
Изборни процеси ја очекуваат и македонската држава, ама на пролет. Во македонската држава треба да бидат одржани претседателски и парламентарни избори. И тоа се избори на кои, после локалните избори одржани во 2021 година, повторно власта и опозицијата ќе ги одмерат своите сили.
Ова се посебно важни избори за власта. Затоа што веќе ги изгуби локалните избори во 2021 година, а и анкетите кои ги следиме во меѓувреме, не покажуваат дека владеачката елита бележи предност во однос на опозициската структура, која во најголем дел ја предводи локалната власт во македонската држава.
Но, кога е во прашање изборната волја во македонската држава битно е да нагласиме дека не се битни само бројките, односно резултатите, туку и коалициските капацитети на партиите и коалициите. Факт е дека актуелната владеачка коалиција има поголеми коалициони капацитети во однос на опозициската најголема партија, пред се имајќи го во предвид албанскиот политички фактор кој соработувал и со едните и со другите, но секогаш уживал поголеми бенефиции кога станува збор за коалициски партнерства со актуелната владеачка структура од македонскиот табор.
И да бидеме попрецизни, во македонската држава не е важно само дали ќе победи СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ во апсолутни бројки, туку и дали ќе успеат да формираат коалиција со партиите, пред се со победничката структура во албанскиот политички табор.
Впрочем, тоа секогаш одредувало и кој ќе биде претседателот на државата, имајќи го во предвид фактот дека во вториот круг изборите ги добивал кандидатот кој ужива подршка и од албанскиот политички фактор.
Таква е ситуацијата со претседателските избори во македонската држава од стекнувањето на независноста па се до денес. И тешко дека тоа ќе се промени, освен во смисла на нови персонални решенија, каде во блиска иднина, а на не така големо изненадување, може да се очекува на чело на македонската држава да застане и етнички албанец. Можеби не токму на овие избори, ама сигурно на некој од изборните циклуси во наредната деценија.
И тоа е тоа. Нема тука ништо посебно. Во македонската држава се се сведува на политичка калкулација. Бирачите и нивните гласови се важни само за време на предизборната кампања и за време на изборниот ден. И ништо повеќе. Ниту еден секунд повеќе. Затоа што политичките елити во македонската држава кон освоените гласови се однесуваат како кон приватна сопственост со која можат да работат што сакаат, па така најчесто и злоупотребувајќи ја волјата на своите гласачи.
Затоа не треба да се очекуваат ниту преголеми изненадувања на предстоечкиот изборен процес – парламентарен и претседателски. Затоа што коалициските капацитети, наместо војлата на граѓаните, ќе одредат и кој ќе владее со држава и кој ќе биде на чело на државата.
А во меѓувреме, народот ќе продолжи да си го чека подоброто утре. И традиционално, само да чека!