
Со длабока почит и достоинство, на 4 мај во Јабука беше одбележана 123-годишнината од упокојувањето на Гоце Делчев — симболот на борбата за слобода, правда и национално достоинство. По тој повод, Македонскиот национален совет организираше пригодна комеморација. Во православниот храм Свети Илија беше одржана панахида (парастос) во чест на големиот револуционер, каде присутните со молитва се потсетија на неговото дело и жртва.


Потоа, заедно со членовите на Илинден, беше положен венец и свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Гоце Делчев во основното училиште кое го носи неговото име. Во име на Советот, венецот го положија претседателката Зорица Митровиќ и секретарот Марјан Јованоски, заедно со директорката на училиштето, Билјана Ѓуровиќ.


На настанот присуствуваа и учениците кои го изучуваат македонскиот јазик, чие присуство даде посебна тежина и симболика. Токму преку вакви настани, најмладите ја запознаваат историјата, ја негуваат традицијата и го продолжуваат патот на националната свест и идентитет.
Делото на Гоце Делчев останува вечна инспирација и потсетник дека борбата за правда и слобода е вредност што се пренесува од генерација на генерација.



