
Со изложбата „Еруптивни форми“ на реномираниот уметник Славе Ајтоски, свечено беа отворени јубилејните петнаесетти Денови на македонската култура во Белград – „Допир на Македонија 2026“, во организација на здружението „Македониум“ од Белград, а под покровителство на Македонскиот национален совет.
На отворањето се обрати претседателката на здружението, Искра Пенева, која ја истакна важноста од континуирана афирмација на македонската култура и идентитет преку вакви настани што создаваат простор за поврзување и видливост на заедницата.


За уметничкото дело и творештвото на авторот говореше скулпторот Синиша Новески, осврнувајќи се на специфичниот израз и длабочината на уметничкиот јазик на Ајтоски, како и на неговиот значаен придонес во современата уметност. Обраќање имаше и директорот на Културно-информативниот центар во Белград, Васко Шутаров, кој ја потенцираше важноста на институционалната поддршка и културната соработка меѓу двете земји.
Манифестацијата ја отвори претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, која во своето обраќање нагласи дека „Допир на Македонија“ не е само културен настан, туку доживување што ја приближува Македонија преку сите сетила:
„Ова не е само програма – ова е допир. Допир на јазикот што го носиме во себе, на традицијата што нè обликува и на културата што нè поврзува, без оглед на границите. ‘Допир на Македонија’ е простор каде што се препознаваме, се поврзуваме и заедно ја чуваме нашата заедничка приказна. Искрени честитки до организаторите што со визија и посветеност веќе петнаесет години ја градат оваа манифестација во еден од најзначајните културни мостови меѓу Македонија и Србија.“


Изложбата „Еруптивни форми“ ќе биде отворена за посетителите до 15 мај, а во рамките на манифестацијата следуваат бројни културни содржини кои ќе ја доближат Македонија до публиката во Белград – преку уметноста, јазикот и традицијата, потврдувајќи дека културата останува најсилниот мост меѓу луѓето и народите.






