Ќе не биде или уште неколку децении ќе продолжиме така – од денес до утре
Македонската држава е секогаш на некоја раскрсница, од стекнувањето на независноста па се до денес. И секогаш се поставуваат истите две прашања: ќе ја биде државата или нема да ја биде? Ќе успее македонскиот народ или полека по полека ќе исчезне? И секогаш за тие две прашања одговорите се бараат кај некој друг, кај некој однадвор, кај некој надвор од границите на македонската држава. Така беше во деведесеттите, кога се поставуваа првите темели на македонската независна држава, кога постоеше страв од прелевање на југословенската војна на територијата на македонската држава. Истата теза се поставуваше и во спорот со Грција околу името, па многумина сметаа дека всушност грчкиот интерес е да не постои македонската држава. А така е и денес, сите сметаат дека на Бугарите и оние од Европската унија крајна цел и е непостоење на македонската држава и македонскиот народ. И можеби оваа теза во одреден дел е точна, ама суштината е далеку од тоа, затоа што никој до сега не си го поставил прашањето – а што прави македонскиот народ да се сочува, што чини македонскиот народ да се сочува себеси, но и својата мала земја?
Сите ја занемаруваат длабоката и огромна општествена поделеност, сите ја занемаруваат сеприсутната корупција во политичките институции, сите го занемаруваат партискиот интерес во македонската држава кој е во пракса, во секојдневието пред се и над се.
Па така е и денес околу францускиот предлог и бугарскиот протокол. Од почеток па до крај – до денес. Ниту еднаш не се постави заедничка општествена платформа, ниту еднаш не се изработи единствена политичка стратегија, ниту еднаш сите македонски партии не застанаа позади една и единствена идеа – да се сочуваме себеси и да ја направиме државата одржлива.
И зошто тогаш, во едно такво поделено општество по секое прашање да очекуваме разбирање однадвор? Зошто во една таква, мала, а политички до таванот корумпирана држава да се очекува дека некој однадвор ќе застане на нашата страна кога ниту самите ние не само да не застануваме на вистинската страна, туку воопшто не знаеме каде се наоѓаме.
Истиот начин и сега е актуелен. Власта без никаква внатрешна политичка и општествена консултација го прифати францускиот предлог, тврдејќи дека ќе го консултира народот, ама од кога во Брисел рече де факто – ДА. Од другата страна, опозицијата повторно без никаква политичка стратегија, ги изведе своите симпатизери на улиците и цврсто рече – НЕ, ветувајќи дека ќе се откажале од барањата за предвремени избори.
Прво, во која тоа институционално уредена држава највисоките функционери го изнесуваат своето мислење пред да остварат консултација со институциите, како што е во македонскиот случај? Второ, каква е таа опозиција која се чини за националните и државните интереси, ама на крајот на денот испаѓа дека ништо не знаела, па и останаа само протестите и народот на улицата?
Македонската држава всушност се претвори во едно немо општество, во кое никој ништо не зборува, онака како треба, ниту пак се слуша другиот. Туку спротивно на тоа, секој си тера по свое, едните да ги задоволат ветувањата дадени некаде, другите да пробаат политички да профитираат, па можеби и свесни дека со големото НЕ нема да успеат, ама барем сликата од улиците што ќе ја остават нема да биде таква.
А од трета страна, и едните и другите и народот се свесни дека ќе помине така како е веќе кажано и замислено, далеку од очите на македонскиот народ. И тука не е во прашање ниту францускиот предлог, ниту протоколот со Бугарија, затоа што тие во основа не се работите кои ја кршат македонската држава, ниту нешта кои го кршат рбетот на македонскиот народ. Тоа со кршењето и на рбетот и на државата потекнува одвнатре. Од неспремноста на општеството да си ги засука ракавите и даде свој максимум за подобро утре, така чинејќи ја и државата одржлива и просперитетна и од неспремноста на политичарите да водат вистинска политика, наместо приватни компании кои го „јадат маслото“ на обичниот граѓанин кој секој ден си го поставува истото прашање – а како утре? Општество во кое се поставува егзистенцијалното прашање како утре ја води и државата кон истото тоа прашање, само со уште поголеми последици.