КултураМагазинМакедонија

Расказот на Милорад Павиќ за измислениот македонски писател Гане Сотироски

До 2007 делата на славниот српски книжевник, најпознат по „Хазарскиот речник“, се преведени на триесетина светски јазици. Во знак на благодарност, тој истата година објавува збирка во која секој расказ е напишан од еден замислен преведувач. Тие се кратки и се однесуваат на она што е добро во литературата на народот од каде доаѓа наводниот преведувач-писател, и што е она што Павиќ смета дека може повеќе да се нагласи, за да биде уште подобро. Има и расказ од, и за Македонија.

„Театар од хартија: роман антологија или современа светска приказна“ е збирка од 38 раскази напишани од Милорад Павиќ, но потпишани од измислени автори-претставници на литературните традиции на земјите кадешто тој е преведуван. Книгата е објавена во 2007, две години пред смртта на авторот, кога неговите дела биле преведени во 38 земји, со над 1000 изданија. „Измислувајќи ги сите 38 приказни, се трудев на книжевностите на кои тие им припаѓаат да им додадам тонови кои тие во стварноста ги немаат, а кои јас би сакал да ги стекнат“, напишал тој.  

Го пренесуваме расказот посветен на македонската книжевност и на Македонија.

***
ГАНЕ СОТИРОСКИ: Икона на злато

Сотиротски е поет и прозен писател. Студирал историја на уметност во Скопје, Софија и Белград. Преведен е на англиски јазик. Доаѓа од познато прилепско семејство кое во минатото давало сликари, писатели, а сега дава преведувачи и деловни луѓе. Водел белешки и кај еден издавач во Струмица објавувал разговори. Еден пример, со наслов „Феминизам“:

Тој: Ќе ти дадам пари, купи гаќи. 

Таа: Не носам гаќи. 

Секогаш зборуваше дека само во Македонија не е пролиена ниту капка крв за време на распадот на Југославија.

– Ја донесе?
– Да. Тука е.
– Да видам.

Овој разговор го водеа двајца луѓе навечер во една крчма во предградието на Битола. Постариот беше во униформа на вооружените сили на Обединетите нации, а другиот беше во кошула од грубо народно платно. Помладиот од торбата извади нешто свиено во мал пиротски ќилим. Беше тоа икона од свети Димитрија. Насликана на златна подлога, го претставуваше светецот на коњ како галопира по морето сечејќи ги со сабја едрата на ситните галии расфрлани по заливот. Во далечината се гледаше село, а на дното на иконата беше насликано човече како ора со рало во кое е впрегнат пар волови. 

– Крадена е? – праша оној во униформата
– Секако дека е крадена, ама јас уредно ја платив, а истото го очекувам и од вас. Целата трансакција е, значи, потполно легална. 
– Кога е сликана?
– Во XVII век, или малку подоцна. 
– А кој ја насликал?
– Е, тоа не се знае. Кај нас сликарите не ги потпишуваат своите икони. 
– Не? Смеам ли да прашам зошто?
– Прашајте, знам и што ќе прашате.
– Зошто ја продавате?
– Е, тука има една приказна од сосем друг крај. Во Москва се наоѓаат многу наши стари ракописни книги за кои се тврди дека ги продал еднаш наш голем човек. Многумина за тоа го обвинуваат. Јас се прашувам што е со оние книги кои тој не ги продал на Русите? Со денови јаничари ги фрлале во море од брегот на Света гора носејќи ги во колички за малтер. 
– А од каде е вашата икона?
– Како од каде е?
– Се знае ли каде е сликана?
– Се знае, секако, во Македонија. 
– Во која Македонија?
– Па оваа.
– Како може да се знае тоа кога ниту е датирана, ниту потпишана, ниту е наведено место на потекло. 
– Сакате ли вие да купите икона, или купувате некој Рембрантов цртеж? Има безброј начини да се одреди сето тоа што вие го барате, но тоа е на сосем поинаков начин впишано во иконата, различен од оној на кој се впишуваат тие работи на платната врз кои сликале уметниците таму кај вас. 
– Зар тоа може да се прочита од златото?
– А можам ли јас сега да ви поставам едно прашање? Зошто вие ја купувате оваа икона? За да ја препродадете и да заработите? Во тој случај, мислам дека е доволно што знаете дека купувате златна подлога, а останатото е, значи, икона, само нешто како додаток, нешто што доаѓа со тоа. 
– Е, гледате, не е. Ја сум припадник на сојузните сили на ОН, но сум по потекло од Русија и сакам во еден агол од мојот стан во Глазгов да направам куќен иконостас според стариот руски обичај. По мојата смрт сè ќе припадне на месниот музеј. 
– Па што не кажете, тоа е сосем друга работа!
При што младиот во бела кошула викна завртувајќи се кон подот на кафеаната:
– Медор, медор, медор, о-ли-ли-ли!
На тој извик келнерот итро донесе печени тикви и посолени семки. Веднаш му нарачаа еден салеп, една боза и две чинивчиња ќетен-алва. Откако чепнаа од јадењето, младиот продолжи:
– Значи, еве како стојат работите со потеклото на таа икона. Таа е, како што реков, од Македонија, поточно од Пелагонија. Постојат типови икони од тоа време и од претходно за кои точно се знае дека потекнуваат од таму. На пример, Богородица со малиот Исус во скутот, кому од ноџето му паднала сандала. Таа е сликана во Пелагонија.
– А вашава?
– За оваа наша икона се гледа дека е стара по тоа што при дното е насликан Крали Марко како ора друмови. 
– Кој е Крали Марко?
– Тоа е крал од Македонија, а сцената е опишана во една српска народна песна. 
– Комплицирано. Мене ми кажуваа дека секој икона имa своја постара верзија. Дали е тоа случај и со оваа? 
– Секако. Постарите икони кај нас се погребуваат, па има гробишта на икони во склоп на манастирите. Ова е некоја грчка варијација на оригиналната тема.
– Грчка икона? Како знаете?
– Едноставно. Свети Димитрија е грчки светец, заштитник на Солун. Тој ги победил Србите што од копно го нападнале Солун, а на иконата е претставен како со сабја ги сече едрата на турските бродови што се закануваат да го заземат неговиот град. 
– А од каде е тогаш иконата?
– Наметката укажува на тоа дека иконата ја работел некој клепт. Облеката има украси од тој крај. 
– Што е тоа клепт?
– Тоа е Албанец, пред да прејде во ислам. 
– Не разбирам. 
– Христијанин од Албанија. 
– Зар тогаш иконата е од Албанија?
– Тоа не е лесно да се заклучи. За неа е користена бугарска кедровина, која се наоѓа под златната облога. На тоа дрво не одат црви. Затоа било на цена и затоа иконата останала сочувана до денес. 
– А од каде е златото?
– Тоа е глама, мешавина од злато и сребро добиена од Косово и од босанските рудници во време на српскиот деспот Стефан Лазаревиќ. 
– Уште едно прашање. Натписот „Свети Димитрија“ не е ниту на руски ниту на грчки. Дали знаете кој е тој јазик?
– Тешко. Мислам дека е стар, црковен. 
– Па вашата икона како да ја сликале сите народи кои живеат на Балканот. 
– Точно. Затоа и е икона. Инаку би била слика.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button