
Во Културно-информативен центар Белград синоќа свечено беше отворена изложбата „Архивски документи“ на македонската ликовна уметница Жанета Вангели, со што белградската публика доби можност да се запознае со еден исклучително значаен и комплексен уметнички проект.
По успешното претставување во македонскиот КИЦ во Загреб во март, изложбата беше реализирана и во Белград, продолжувајќи ја мисијата за промоција на македонската современа уметност во регионот.


На отворањето се обратија директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров, како и кураторката на изложбата Маја Крстевска, која во својот осврт ја истакна длабочината и слоевитоста на творештвото на Вангели.
Изложбата „Архивски документи“ претставува прво самостојно претставување на Вангели пред српската публика и опфаќа 41 дело, реализирани во техника плотер принт, како и аудиоматеријали. Преку синтеза на дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност, авторката отвора простор за ново читање на архивата – како лична, така и колективна.


Според Крстевска, станува збор за „сублимација на главните интересни зони во творештвото на Вангели, преточени во метафизичка манифестација во време-просторот“. Таа нагласува дека низ четиридецениското творештво, уметницата истражува теми на духовна слобода и перцепција на времето, повикувајќи ја публиката активно да го доживее сегашниот миг преку сопствено интерпретирање на делата.
Посебно внимание привлекува делото „Алтруистичка перница“, кое, како што истакнува кураторката, развива специфична уметничка логика и носи силна авторска порака.


Со оваа изложба, Национална галерија ја продолжува својата континуирана активност за промоција на македонската култура и уметност во Србија, надоврзувајќи се на минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во Белград.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 6 мај.




