ВестиМАК Инфо Продукција

Самуил Петровски – помалку да се грижиме, повеќе да се молиме

Евангелско здружение на студенти (ЕУС) постои во Србија повеќе од 25 години, а за тоа време организираше повеќе форуми, семинари и предавања, на кои разни предавачи, меѓу кои и познати банкари и професори од странство, зборуваа на различни теми – односот помеѓу христијанството, работата и етиката, како да се биде успешен и да се спаси душата… Здружението ги охрабрува студентите и младите да бидат личности со интегритет за време на нивните студии и им помага најдобро и најлесно да ја поврзат областа на нивните студии со основите на христијанското учење, како понатаму би можеле преку своите професии да дадат придонес за добробитта на општеството.
Самуил Петровски, директор на здружението е мошне посветен на својата работа.

Кои се од ваша перспектива најголемите предизвици кои не очекуваат во 2023 година?
– Според мене луѓето се збунети, само што поминавме низ една пандемија, а сега се соочуваме со воена нестабилност, ценовни шокови и сл. Најголем предизвик ќе биде како да си го планираме животот, многу е несигурно што ќе се случува и не знаеме што може наредниот ден, недела или месец да ни донесе. Така што, планирањето на секојдневниот живот ќе биде еден од најголемите предизвици.


Вие сте по национална припадност Македонец, што би им порачале на Македонците, што е она што е клучно што треба да го сочуваат, а кон што да се стремат?
– Македонците треба да бидат мудри во нивните избори и одлуки кои ги носат. Она коешто јас како Македонец би им го порачал е да ги сочуваат своето единство и идентитетот, да ги сочуваат нештата кои ги дефинираат како посебен народ, а секогаш да се стремат кон изградување и обезбедување на здрава иднина за своите генерации. Народот мора да се застапува и да работи во полза на зачувување на вредностите кои се полезни за сите генерации во македонското општество.

Како би ја опишале 2022 година која заминува и што беше во истата најголем предизвик за човештвото?
– 2022 година беше година во која излеговме од една пандемија која беше од светски размери и на различен начин животот на луѓето беше променет. Станавме многу повнимателни во однос на нашето здравје, мораше да научиме како да бидеме одговорни и за состојбата на останатите луѓе. Така што, би рекол дека 2022 година беше година на прилагодување на нештата кои ги научивме во
претходните две години. Еден од најголемите предизвици за голем број луѓе беше како да продолжиме да работиме едни со други и да живееме едни со други, после пандемијата којашто не изолираше. Ние луѓето сме создадени да живееме, да работиме и да твориме во заедница, а пандемијата ни го одзема тоа право. Затоа враќањето назад, за некои луѓе остана така како што беше и во време на пандемијата, беше доста тешко.

Самуил Петровски

Живееме во време на континуирано незадоволство. Од ваша перспектива кој е рецептот да луѓето бидат задоволни со она што го имаат, со местото таму кадешто се?
– Да биде човек задоволен нема некој посебен рецепт. Човекот е задоволен тогаш кога е свесен за тоа што го има и да биде благодарен за истото. Ние сме христијански народ и веруваме во Бог и дека се што имаме ни е дадено од Него. Имаме семејства, пријатели, работа и сето тоа ни е дар од Бог. Нашиот сопствен живот ни е дар од Бог. Така што, знаејќи го ова не може човек а да не биде
благодарен. Благодарноста е една од најголемите одлики што еден човек може да ги поседува, таа може да отвори многу врати во нашите животи. Доколку не сме благодарни за тоа што го имаме или таму кадешто сме, секогаш ќе сакаме повеќе. А, кога сакаме повеќе и уште повеќе и уште малку повеќе токму таму настанува незадоволството.

Велат иднината останува на младите. Каква иднина им нудиме на младите ако живееме во време во кое секоја цивилизациска вредност е во дефицит?
– Светот денес изгледа многу поразлично од пред 50 години или пак од пред 100 години. Неминовно е дека развојот во сите сфери на нашето живеење допринесува за разлика во начинот на живеење. Меѓутоа, има нешта кои се безвременски и ние не можеме да ја занемариме потребата од нивно зачувување и негување. На пример, почитта, одговорноста на едни кон и едни за други, интегритетот на човекот, тоа се нешта кои никогаш не престанале да бидат дел од нашиот живот, меѓутоа доколку не ги негуваме, доколку не ги воспитуваме нашите деца и млади како да растат во истите тогаш не сакам ни да замислам каква иднина им оставаме на нашите поколенија. Ако сакаме здрава иднина за нашите деца, мораме да ги преиспитаме вредностите за кои се застапуваме, начинот на кој живееме и каков пример оставаме позади нас.

Живееме во релативно нестабилен регион. Дали сметате дека политиката е основна причина за тоа или проблемот се наоѓа во поширок општествен контекст?
– Политиката е одраз на состојбата на луѓето. Луѓето кои ја креираат политиката влијаат на истата, а во исто време и политиката влијае на луѓето, врз нивниот квалитет на живот, економска стабилност и сл. Верувам дека тоа се две испреплетени работи кои влијаат една на друга. И политиката се случува насекаде, па и во нашите секојдневни животи. Планирањето, калкулирањето, желбата да се
извлече најдоброто од секоја животна ситуација е политика. И дефинитивно потребите и желбите на народот во една држава делумно ги отсликуваат политичките одлуки и генерално политиката. Така што, не би рекол дека политиката е виновна за нестабилноста на нашиот регион, туку начинот на кој сакаме да раководиме и да управуваме со нас самите, со нашите семејства, работни места, тимови, колеги, па и самата држава.

Самуил, на крајот додава и дека треба постојано да му бидеме благодарни на Бога, и постојано да се молиме едни за други. За новата година изразува желба помалку да се грижиме а повеќе да се молиме.

– За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос.”‭‭Филипјаните‬ ‭4‬:‭6‬-‭7Совет на Св. Апостол Павле.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button