БлогВести

Дали македонскиот народ ќе разбере кој е – тогаш кога ќе го нема?

Во македонската држава ништо ново. Се се одвива онака како што се одвиваше и во изминатите триесетина години. Главна игра во градот се политичките пресметки, додека пак на граѓаните истовремено им се сервира големата борба за македонскиот народ, јазик и идентитет.
И таа е всушност борба во која македонскиот народ сам себе си се губи. Со Софија никако да се излезе на мегдан, не во смисла на војување, туку во смисла преку дијалог да се разрешат работите, што сме ние, а кои сте вие. И зошто толку не блокирате, доколку толку многу не сакате? Доколку сметате дека сме еден народ? Македонските политичари како да се плашат да и кажат НЕ на Софија. Додека пак истовремено Софија преку своите посредници ја продолжува својата традиционална политика со провокации, отворајќи здруженија и разноразни клубови во македонската држава кои демек треба да го промовираат бугарскиот народ и историја на македонскиот народ, односно на граѓаните кои за време на СФРЈ заборавиле дека се всушност Бугари.
Тоа е срамната точка за двете страни. Затоа што додека траат политичките и медиумските препукувања младите си заминуваат и од едната и од другата земја. Дали со бугарски, дали со македонски пасоши, целта е една да се замине од тука, да се замине и од македонската држава, но и од бугарската, иако таа е веќе дел од европското семејство. Ама ете за тоа никому не му е гајле. Ниту бугарските политичари се трудат да ги подобрат стандардите за живот на нивните граѓани, барем на некое ниво на европските држави, ниту пак македонските политичари се трудат да се приближат кон тој европски стандард, и така на вистински начин покажат зошто македонската држава заслужува да биде дел од Европската унија.

Ова што се случува и во двете земји делува како да е народот само монета за поткусурување. Се палат граѓаните со јаки историски теми, се веат или палат национални знамиња, а тоа што се граѓаните гладни никому не му е гајле. Ама ајде, нека не им е гајле на политичарите. Ама веќе и на граѓаните не им е гајле што се гладни. Како да се навикнаа да не јадат. Како да се навикнаа да живеат сиромашно.

Всушност, тоа е и правата вистина за македонскиот народ. Се навикнува на се. И на лаги, и на сиромашни услови, и на родители чии деца живеат илјадиници километри далеку од нив, и на прифаќање сечии услови заради политички поени.

Тоа е трагедијата на еден народ, на македонскиот. Кому сите му се криви, ама
најголемиот непријател му е во куќата. Затоа и не може да се тргне, затоа што за ништо
во таа волшебна земја не постои план, затоа што за ништо не постои согласност, затоа што се е повредно, отколку да се чуе гласот и советот на најблискиот, затоа што
живееме со убедување – дека најблискиот сигурно ти мисли лошо.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button