„СÈ Е ТОА ЉУБОВ“: Уметноста на Виолета Цветковска во служба на надежта и хуманоста
Во Куќата на Ѓура Јакшиќ во Белград беше отворена самостојната изложба на проф. д-р Виолета Цветковска, насловена „Сè е тоа љубов“. Големиот број посетители кои присуствуваа на отворањето ѝ дадоа посебна топлина на вечерта, чија суштина овојпат беше многу поголема од самата уметност – изложбата има хуманитарен карактер, а собраните средства се наменети за лекување на нејзиниот син Теодор.


Во амбиентот на Куќата на Ѓура Јакшиќ, публиката имаше можност да се запознае со творештвото на Виолета Цветковска, препознатливо по силната употреба на бојата, симболиката и емоцијата. Во нејзиниот ликовен израз се преплетуваат искуствата од сликарството, иконописот и мозаикот, но и постојаната потрага по подлабокото значење на визуелните симболи. Отворањето беше исклучително добро посетено, а бројните пријатели, колеги, почитувачи на уметноста и луѓе со желба да помогнат ја исполнија Куќата на Ѓура Јакшиќ. Токму нивното присуство покажа дека ова не е само уште една изложба во богатата белградска културна понуда, туку средба во која уметноста и солидарноста се обединија околу една заедничка цел. Присутните ги поздрави претседателката на здружението ,,Македониум” од Белград Искра Пенева, како и авторската Виолета Цветковска. На свеченото отворање присуствуваше и претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ.

Насловот „Сè е тоа љубов“ во овој случај добива особено лично и длабоко значење. Делата на Цветковска зборуваат преку боите и симболите, но зад нив стои и приказната на една мајка која својата уметност ја стави во служба на најважната борба – борбата за здравјето на својот син.
Изложбата е од хуманитарен карактер, а средствата собрани од продажбата на сликите се наменети за лекување на Теодор. На тој начин секое купено дело станува повеќе од уметничко дело – станува конкретен чин на поддршка, солидарност и надеж. Поддршката за лекувањето на Теодор продолжува и надвор од галерискиот простор. Сите што сакаат да помогнат можат да испратат СМС-порака со содржина 303 на бројот 2407.
„Сè е тоа љубов“ така прерасна во изложба со порака што оди многу подалеку од платното. Таа покажа дека уметноста може да биде место на средба, но и начин човечката грижа да се претвори во дело.




