
Празник што нè обединува, спомен што нè поврзува, Македонија што ја носиме во срцето.
Илинден е повеќе од празник. Тој е дел од македонската душа, симбол на слободата, истрајноста и непоколебливоста на еден народ. Каде и да живееме и каде и да нè однел животот, на 2 Август срцето ни чука во еден ритам – македонски.
Во таа празнична и достоинствена атмосфера, Илинден 2026, под покровителство и во организација на Македонскиот национален совет, годинава беше одбележан во повеќе градови низ Република Србија, со богата и разновидна која ги обедини Македонците, нивните пријатели и сите оние кои ја почитуваат македонската култура и традиција.
Чествувањето започна во Ниш, со свечен прием во МК „Мија Станимировиќ“, во организација на Здружението „Вардар“ – Ниш, додека во Јабука, во Домот на културата „Кочо Рацин“, се одржа Втората Илинденска поетска средба, вечер исполнета со стихови, емоции и љубов кон македонскиот збор.
Истата вечер, во Белград, на платото пред Општината Звездара, гостите од Македонија – „Балкан бенд“ од Прилеп – приредија прекрасен Илинденски концерт, исполнет со македонска песна и музика.



Празничната програма продолжи во Пландиште, со манифестацијата „Илинден 2026“, во Културно-образовниот центар „Вук Караџиќ“, во организација на Здружението „Македонски бисери“, а во Нови Сад, пак, публиката уживаше во концертот „Распеан Штранд“, на Женската пејачка група при КУД „Соња Маринковиќ“, вечер во која македонската песна уште еднаш го најде својот пат до срцата на присутните, како и во Качарево, каде на платото пред Месната заедница беше одржан Илинденски концерт на „Балкан бенд“ од Прилеп, во организација на Здружението „Вардар“ – Качарево.



Во Панчево, во Народниот музеј, свечено беше отворена изложбата „Трагите на преселбата“, посветена на значајниот јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина. Изложба која потсетува на патиштата по кои минувале нашите предци, на нивните почетоци, спомени и живот што го граделе далеку од родниот крај, но со Македонија длабоко во срцето.
Во Јабука, во Домот на културата „Кочо Рацин“, свечено беше отворен и детскиот шаховски турнир „Makmove 2026“, во организација на Здружението „Мак-инфо“. Со ова уште еднаш беше покажано дека традицијата не е само она што го наследуваме, туку и она што им го оставаме на младите.




Како и секоја година, Јабука беше место каде што мирисот на традицијата се мешаше со смеата, песната и дружењето. На платото пред Месната заедница се одржа традиционалниот фестивал „Гравче на тавче“, во организација на Здружението „Илинден“ – Јабука.


Особено емотивен момент беше свеченото откривање на муралот посветен на Борче Величковски, поранешен претседател на Македонскиот национален совет, човек кој остави значајни траги за Македонците на овие простори. Муралот, дело на авторката Елизабета Јорданоска, е поставен на Регионалната канцеларија на Македонскиот национален совет во Јабука – како траен спомен на човекот и времето во кое со својата посветеност го чувал македонскиот идентитет.

Илинденското чествување заврши со централната прослава во Јабука, на платото на ракометното игралиште, каде присутните имаа можност да уживаат во богата културно-уметничка програма.
Но, зад сите концерти, изложби, поетски вечери, фестивали и манифестации останува нешто многу поголемо – чувството дека сме заедно.
Заедно да го чуваме македонскиот јазик.
Заедно да ја негуваме песната и традицијата.
Заедно да се сеќаваме на оние пред нас.
И заедно да им ја пренесеме љубовта кон Македонија на оние што доаѓаат по нас.
Зашто Македонија не е само место.
Македонија е спомен, корен, песна, јазик и љубов. Македонија е она што го носиме во себе, каде и да сме.
Нека ни остане Илинден како светол патоказ дека кога сме обединети, ја чуваме најскапоцената вредност – нашиот македонски идентитет.



