ВестиКултура

Гостување на Велешкиот театар во Белградскиот драмски театар

Велешкиот театар со претставата „Нема струја за електричниот стол“ гостуваше во Белградскиот драмски театар (Београдско драмско позориште). Гостувањето е дел од меѓународниот протокол за соработка „Наши денови“, чии потписници се Белградскиот драмски театар (Београдско драмско позориште), Српскиот народен театар (Српско народно позориште) од Нови Сад, „Ујвидеки Шиназ“ од Нови Сад и Народниот театар од Велес.

Претставата е работена по текст на современиот бугарски писател Александар Секулов, а режисер е Дејан Пројковски. Во дуодрамата играат Васил Зафирчев и Исидор Јованоски. Музиката за претставата и нејзината изведба во живо се на Сашко Костов. Претставата е одиграна на големата сцена на БДП „Оливера и Раде Марковиќ“, во присуство на голем број припадници на македонската заедница во Белград.

Приказната на претставата е сместена среде апокалиптична околност во која се поместени двата лика – оној што е осуден на смрт со електричен стол и оној што треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна, која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедијален проект има цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видео анимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава.

Ова е прво гостување на Велешкиот театар во оваа реномирана театарска куќа.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button