Димитар Чудов е академски сликар, роден во Охрид. Потекнува од старо охридско семејство, а како што самиот велеше првите учители му биле Михаило Астрапа и Евтихије, зографи кои ја сликале црквата Богородица Перивлептос, изградена во 1295 година, веднаш над неговото родно место.
Завршил гимназија „Свети Климент Охридски“ во родниот град, а Академијата за ликовни уметности и постдипломски студии на Универзитетот во Белград.
Од првата самостојна изложба во Охрид, до втората во Народниот музеј, изложувал во Нови Сад, Зрењанин, Загреб, во Музејот на СПЦ во Белград и Духовниот центар во Зрењанин, а како член на УЛУС во неколку градови на Југославија. Како член на Графичкиот колектив, изложувал во Њу Делхи, Москва, Цирих, Љубљана, Загреб, Краков, Будимпешта… На колективната изложба македонски сликари од Белград, одржана во Галеријата на Српската академија на науките и уметностите во Белград, тој беше претставен со две слики.
Делата на Димитар Чудов се во Музејот на современа уметност во Белград, Кабинетот за графика во Белград, Музејот на Матица Српска во Нови Сад, Музејот ПТТ во Белград, Институтот за банкноти во Белград, Музејот на историјата на Југославија, како и во приватни колекции во Белград, Загреб, Љубљана, Сао Паоло, Јоханесбург, Минхен, Цирих, Париз, Лондон, Кајзерслаутерн, Келн, Визбаден…
Од 1976 година работеше како официјален сликар во Сојузот на југословенските пошти и дванаесет години бил раководител на одделението за издавање и продажба на поштенски марки. Автор е на енциклопедискиот каталог на поштенски марки на југословенските земји и творец и изработувач на преку 450 поштенски марки кои се изложени низ светот.
Автор е творец на првата поштенска марка на самостојната Република Македонија.
Еден е од основачите и прв претседател на Друштвото на ликовните уметници Македонци во Србија. Беше долгогодишен член и на здружението ,,Македониум” од Белград.