Знаменити Македонци во СрбијаМакедонски ликовни уметници во Белград

Весна Бајалска

Весна Бајалска е македонска сликарка. Родена е во Белград во 1956 година. Студирала сликарство на Факултетот за применети уметности во Белград (1975-1980), а живее и работи во Париз, Франција.

Од биографијата на Бајалска издвојуваме дека, иако по потекло е од Македонија, во Скопје живеела само четири години, како ученик во средно училиште. Долго време живеела во Белград, каде што ја завршила ликовната академија, а потоа заминала во Париз. Во Македонија досега имала три изложби. Една во Културно-информативниот центар во 1989 година и втората во Музејот на град Скопје во 1997 година. Со третата изложба во 2014 во галеријата на МКЦ година Весна се има претставено пред македонската публика со триесетина дела во маслена и комбинирана техника, работени во последните десет години Весна Бајалска досега има изложувано низ целиот свет.

,,Весна Бајалска е белградско дете чии предци дишеле солунски воздух, родителите и биле загледани во Рациновите мугри, а еве таа самата веќе неколку години секое утро ја тутка на себеси ефтината пластична кабаница за да се заштити од оние црни париски дождови, без кои секоја уметничка биографија изгледа по малку несигурна. Тие податоци веќе го цртаат пред нас оној растреперен Одисејски профил на скитник, кој до скоро беше привилегија или проклетство резервирано за машкиот род. Сликарот, меѓутоа (Господ ќе знае дали со право или не), изгледа дека не се грижи за другите потекла или за другите биографии освен за тие што тој самиот ги создава. Изгледа дека Весна тоа и не сакајќи го насетила.

Наспроти младоста, или токму заради нејзе, Весна чекори по високо поставената жица на сликарската вратоломија со храбра сигурност на сонувач. Таа ја изнаоѓа својата рамнотежа, понекогаш и со мака, дури и грчевито, но секогаш толку неизбежно што нејзините слики со сопствената уверливост ни ја враќаат разнишаната сигурност што како гледачи сме ја загубиле во мигот на тетеравењето. Ми изгледа дека во тоа го препознавам Весниното сликарско Јас, изразено уште од најраните почетнички слики во кои портретите на нејзините најблиски извираат од некаква згусната темнина, од некаква смола на ноќта во која болно се дише. Ова чепкање по темнината, ова бунтовно скитање помеѓу црното и лилавото, таа по малку раскриена светлина која како да ги покажува своите оштетувања, ги чувам и ми се чини сѐ уште носат нешто во себе од човечките рани.

Весна сака да слика. Мислам дека некои нејзини платна во голема мерка се насликани со прстите. Сега, кога во видливото зреење и едреење, Веснините ’пејзажи на потеклото‘ неизбежно се престоруваат во оној радикален ’пејсаж на сликата‘ кои како ништо друго да не паметат, нам ни станува јасно дека скокот е сторен. Весна влегла во светот на густината во која живее сликарството“, напиша сликарот Глигор Чемерски.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button