БлогВести

Тројката на Отворениот Балкан пред европските порти

Економската иницијатива Отворен Балкан и конечно започна да добива политички карактеристики. Иако вашингтонската администрација на минатонеделниот самит одржан во Охрид нагласи дека ја подржува иницијативата на Отворен Балкан, истовремено инсистирајќи да истата остане во рамките на економска интеграција, лидерите на македонската, српската и албанската држава успеаа да постигнат и одредена политичка синхронизација, барем кога се во прашање европските интеграции на трите земји.

Одлучија да учествуваат на самитот помеѓу Европската унија и западно-балканските партнери, ама преку заеднички настап и споделени принципи. Иако за почеток делува чудно и нереално, имајќи ги во предвид балканските прилики, сепак изгледа дека Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама ги разбраа заедничките интереси на овие три земји и за разлика од другите балкански политичари, направија еден, можеби не така голем, ама сигурен чекор напред.

Без обзира што тоа нема да донесе не знам какви привилегии кон оваа западно-балканска тројка, барем кога се во прашање очекуваните заклучоци од самитот, сепак тоа и во очите на Брисел, и во оние на Берлин и Париз праќа една сосема нова слика од Западниот Балкан, регион кој во последните триесетина години е карактеристичен по нестабилните безбедносни прилики, тензиите и меѓуетничките нетрпеливости.

Всушност ова е своеврсна прекретница и за Европската унија, односно за нејзиниот однос кон западно-балканските партнери. Сега е можеби вистинското време да се покаже дека некои и на Западниот Балкан созреале, дека се свесни за своите национални интереси, но и дека тие интереси пред се можат да се реализираат преко регионална соработка.

Сето ова што се случува ни сведочи дека работите се менуваат, затоа што во екот на украинската војна, во екот на големите промени во меѓународниот поредок, Западниот Балкан за прв пат испраќа една нова слика кон светот, слика која ниту еднаш низ историјата не била карактеристична за овој регион.

Можеби сеуште не се вклучени сите политички ентитети во иницијативата на Отворен Балкан, но учеството на политичките лидери на БиХ и Црна Гора на самитот во Охрид, иако во својство на посматрачи, сведочи дека постои голема заинтересираност за придружување. И можеби Приштина е сеуште многу далеку од интеграција во оваа иницијатива, сепак не треба да изненади дека и тоа можно, посебно доколку нешто такво на приштинските власти им биде „шепнато“ од страна на политичкиот Запад.

Времето е такво, се се менува, па и околностите на Западниот Балкан, а со самото тоа и односите на Западниот Балкан со меѓународните партнери, а пред се со Европската унија, пред чии порти чекаат подолгу од дваесетина години, со предности и мани, ама и со голема желба да се биде дел од европското семејство.

Можеби конечно е дојдено времето и да се Брисел, па и Берлин и Париз малку подразмисле. Доколку не биле толку важни критериумите за членство во претходните етапи на проширување, пред се давајќи предност на геостратегиските интереси, зошто сега се толку важни политичките критериуми кога е во прашање Западниот Балкан. Зарем навистина може да се поверува дека Западниот Балкан не е геостратегиски важен за Европската унија, а истовремено е георграфски во нејзината утроба или треба да веруваме дека во европското семејство повеќе не постојат политички лидери со долгорочни видувања и перспективи.

Кога, ако не сега, во екот на украинската војна, во екот на новото кроење на меѓународите и државните граници, на европските политичари ќе им стане јасно колку е важен Западниот Балкан, во геостратегиска смисла, не во смисла на тоа дека ќе нанесе бог знае каква штета на европските земји, ама доволно голема да ја држи и самата Европска унија и нејзините членки во една повремено нестабилна состојба, со јако, карактеристично и континуирано влијание на другите заинтересирани страни, кои можеби не одеднаш, ама секако долгорочно гледано ќе го искористат балканскиот двор за наметнување на своите интереси и пошироко на европскиот континент.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button