БлогВести

Во македонската држава ништо ново – ама баш ништо

Во македонската држава се се одвива, така како што се и одвиваше во последните 31
година, од стекнувањето на независноста до денес. Само временските прилики се
менуваат и деновите си заминуваат, додека пак политичарите и народот си ја тераат
истата игра – на едните никогаш не им е доволен колачот од власта, додека пак на
другите им е смачено што живеат така лошо, ама продолжуваат да си молчат, оти
нели, како викаат постарите – не дај Боже да биде полошо.

Само што вистинското прашање во случајот на македонската држава е дали воопшто
може да се случи било што полошо во држава која е секогаш скоро на дното помеѓу
европските држави во однос на сите прашања од интерес на народот – со скоро
најлош животен стандард, со скоро најнеефикасен здравствен систем, со скоро
најкорумпирани институции, со скоро најголем процент на криминални активности и со
скоро најуспешни политичари кои не пропуштаат ниту една прилика да ги задоволат
своите лични, приватни и семејни интереси.

Ете таква е приказната за македонската држава во која живее еден напатен
македонски народ кого скоро сите во соседството го оспоруваат, ама најмногу во
неговото оспорување допринесуваат македонските политичари кои со скрстени раце
прават компромиси, тврдејќи дека тоа е вистинската насока кон европските вредности,
европските стандарди, западните инвестиции и македонскиот просперитет.
Ама од тоа ништо на мегдан. Македонската држава стана членка на НАТО ама и
понатаму е далеку од стандардот на другите членки на оваа организација. И не само
во безбедносна и одбранбена смисла, туку и по секој друг критериум. Македонската
држава е на патот кон Европската унија полни 18 години, од држава која прва доби
кандидатски статус на Балканот, до држава која вероватно најмалку постигнала кон
патот на полноправното членство. Некои веќе станаа членки, како што е Хрватска,
некои длабоко навлегоа и во преговарачкиот процес, како што е Србија, а од
македонската држава ниту трага ниту глас.

Ниту може да ја заштити својата посебност во однос на бугарските тези за „Западна
Бугарија“ и за „еден народ – две држави“, ниту умее да напредува кон Европската
унија барем во однос на оние вистинските критериуми, ако ги оставиме овие
бугарските критериуми, односно критериумите карактеристични за соседските односи
на Западниот Балкан.

Точно е, тезите на Бугарија се смешни, тоа што го условува македонскиот пат кон
Европската унија го чини само од позиција на моќ, а не од позиција на факти, ама и од
позиција на незаинтересираноста на Брисел за нови и брзи проширувања на Унијата.
Ама каде се критериумите кои ги бара Брисел, а во чиј фокус всушност се наоѓа
начинот на живот на македонскиот граѓанин? Што постигна македонската држава во
однос на тие критериуми? Во однос на критериумите за достоинствен живот на секој
македонски граѓанин во 21 век? Во однос на подобриот животен стандард? Во однос
на просперитетот на младите? Во однос на одржливоста на системот? Во однос на
праведната држава? Во однос на владеењето на правото? Во однос на политичката и
сеприсутна корупција?

Едно големо ништо. Ама баш ништо. Од 1991 година до денес ама баш ништо не е
променето. Се си стои на истото место. Како времето да застанало. Како да се наоѓаш
во некоја пустина, па ти се чини дека песокта стои на истото место денес, како што
стоела и вчера. А всушност се се подместува, се оди напред, освен македонската
држава и нејзините политичари кои се чинат, освен да направат нешто добро за
своите граѓани, за својата држава – која толку ја сакаат да ниту не самите не знаат
како да ја искажат таа љубов, а да истата не биде деструктивна.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button