Јулијана Милутиновиќ
Јулијана Милутиновиќ е глас на радио, ДЈ Џулс и автор на неколку музички емисии. Својата радио кариера ја започна на некои македонски радио станици во Скопје, а во последните 17 години живее и работи во Нови Сад.
Моментално работи како уредник и водителка во Радио-телевизија Војводина, во продукција на две радио емисии.
Емисијата ,,Македониум” се емитува на македонски јазик на Третата програма на Радио Нови Сад. Македониум е информативна емисија, се фокусира на информации кои се важни за македонското национално малцинство во Србија, особено во Војводина. Слушателите можат да се информираат и за актуелните настани во Македонија, како и за Македонците ширум светот. Ова е единствената радио емисија во Србија каде може да се слушне традиционална македонска музика. Се емитува секоја среда од 14:15 часот, а одложено може да се слушне на порталот на РТВ, како и на порталот Мак-инфо.
,,Искорак” е авторска музичка емисија која се емитува на Првата програма на Радио Нови Сад, секоја недела од 14 часот. Oсвен што е релаксирачка и забавна, емисијата има и едукативен карактер за слушателите. Современа е и се занимава исклучиво со урбан, модерен, како и електронски и органски звук во исто време. Со својот специфичен јазичен израз и самата тема за претставување на современата музика и модерните продукциски куќи, програмата на емисијата има ексклузивна разновидност на сето она што во моментот може да се слуша во етерот. Целосно уживање и за најсофистицираните уши.
Емисијата Groove Relation во која е коавтор заедно со Антонио Џон, повеќе од 20 години е секојдневна во македонскиот етер.
Порасната е со музика која подоцна ја дефинира во нејзините еклектички сетови. Најголемата инспирација од секогаш ја има во класичната музика, а ништо помалку не се инспиративни џезот, фанкот, диско и соул музиката. Во нејзините емисии и сетови се чувствува таа инспирација и секогаш нејзините музички приказни се проткаени со џез, фанки, диско, соулфул, дип хаус и класик хаус ноти кои ветуваат гарантирано задоволство кај публиката.
Во мандатот 2018-2022 Јулијана беше претседателка на одборот за информирање во Македонскиот национален совет.
Мајка е на две деца, верува во чудата и во музиката.
Од неодамна е соработник на порталот Мак-инфо.