БлогВести

Вучиќ, Курти, Лајчак и Борељ на Охридското езеро

После преговорите во Брисел помеѓу Белград и Приштина наредните се веќе закажани за 18 март. Српскиот претседател Александар Вучиќ на тој датум ќе го продолжи дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина заедно со премиерот на привремените приштински институции Аљбин Курти и со медијација на шефот на европската дипломатија Жозеп Борељ и специјалниот претставник на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак.

Очекувања од претходната средба беа огромни. Сите очекуваа потпишување на некаков договор. Опозицијата во Србија ја обвинуваше власта дека ќе капитулира во однос на косовското прашање, европските функционери велеа дека станува збор за договор по моделот „земи или остави“, додека пак приштинската политичка елита велеше дека Курти не смее ништо да прифати, а да не се подразбира меѓусебно признавање, односно прифаќање на еднострана независност на Приштина од страна на Белград.

Во Брисел практично ништо посебно не се случи. Борељ рече дека страните начелно го прифатиле договорот, истовремено портпаролот на европската дипломатија рече дека не станува збор за договор кој треба да се потпишува, а истовремено сите страни сега се фокусирани на планот за имплементација.

Тоа е нешто што се очекува да биде на дневниот ред во Охрид. Иако многумина европски лидери ја поздравија спремноста на српската и приштинската страна да се продолжи дијалогот сеуште никој не знае во кој правец ќе се развиваат нештата.

Всушност, суштината на проблемот и понатаму се наоѓа во одбивањето на Приштина да ја формира Заедницата на српските општини. Нешто што е договорено, потпишано, ратификувано уште во далечната 2013 година, ама приштинското раководство, предводено од Аљбин Курти во континуитет ја одбива таа обврска.

Истото го повтори и после враќањето од Брисел. Во приштинскиот парламент јасно и гласно рече дека иако косовскиот парламент го ратификувал Бриселскиот договор од 2013 година во која е токму формирањето на Заедницата на српски општини централна точка, тој и неговата влада нема да го направат тоа. Курти и неговата влада не размислуваат за формирање на Заедница на српски општини.

Однесувањето на Курти во овој многу ризичен политички и безбедносен момент е многу чудно, но ако ја имаме во обзир изјавата на помошникот на заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар дека Заедницата на српски општини ќе биде формирана со или без Курти, можеби треба да бидеме мирни.

Можеби Курти тоа го прави само заради своите политички поени. Можеби Курти тоа го прави само за да го покаже својот уценувачки потенцијал. Ама тешко кој би поверувал дека Курти тоа го прави со цел да се замери со американците. Сепак тие се стратешки партнер на Приштина и сепак секој еден граѓанин на Западниот Балкан е свесен дека косовската одржливост е скоро па неможна без силна америчка подршка во секој аспект на функционалност.

Но, нека останат сите опции отворени. Охридската средба ја очекуваме за помалку од две недели. Можеби баш тогаш ќе го видиме одговорот на многу прашања, а можеби ќе добиеме уште многу недоумици. Во секој случај политиката насочена кон мирот треба да ни биде во фокус на секој разговор, во фокус на секој дијалог и пред се во фокус на секој политичар, државник и граѓанин. Само со мир можеме да напредуваме, истовремено бидејќи свесни на не така далечното минато од деведесетите во кои сите, на сличен начин, со поголеми и помали маки, видовме дека војната не носи ништо друго освен трагедии, сиромаштија и непредвиливост за наредниот ден.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button