БлогВести

Уште една година без ветувањата

Македонската држава полека но сигурно чекори кон завршувањето на 2022 година и влегување во новата, 2023 година. И оваа година поминува традиционално, како се навикнати македонските граѓани, со многу политички ветувања, скоро па никакви резултати и полни авионски летови со млади македонски граѓани кои решиле среќата да ја побараат таму некаде далеко, во таканаречениот бел свет.

Ама за тоа никому не му е гајле. Граѓаните мирно си седат. Политичарите си ја продоложуваат традиционалната политичка тактика на делење празни ветувања, додека пак родители немо гледаат како нивните деца си заминуваат, радувајќи се на нивните објави на друштвените мрежи и подобрите животни услови таму некаде далеку.

И тоа веќе не е ништо ново. Туку континуиран тренд во македонската држава видлив и кај Македонците, и кај Албанците и кај сите други етнички заедници кои живеат во оваа чудесна земја. Земја, во која политичарите се свесни дека народот е навикнат на лош живот, во која родители ниту рака не знаат да кренат во борбата за задржување на младите во својата татковина, покрај семејното огниште, во која младите ниту су прст не мрднуваат за некаква борба за економски, социјални, работнички права, туку и они, традиционални поделени по политичките табори, тивко ја следат состојбата. Оние кои се партиски активни, ја решаваат својата судбина со политички овозможено работно место, додека пак овие другиве, кои сметале дека постои некој мерит систем и дека со доброто образование и труд ќе ја постигнат својата професионална цел, исто така немо си ги пакуваат куферите и ја бараат својата среќа негде далеку.

И кога така ќе ги поставиме работите, всушност во македонската држава сите се криви и сите еднакво ја делат кривицата за пропаѓањето на државата, за пропаѓањето на едно општество кое пред само триесетина години имаше толку големи амбиции да биде самостојно, евроатлантско, развиено и просперитетно.

И тоа е баш така. Политичарите се криви затоа што ништо не прават, загушени во својата традиционална корупцијска и клиентелистичка игра. Родителите се криви затоа што дозволуваат така едноставно и мирно заминување на своите најмили, без никаков протест, без никакво противење. Младите кои заминуваат се криви затоа што исто така во некоја мерка се конформисти. Сите се криви затоа што никој не излегува на улица а да тоа не е иницирано од некоја партија. Сите се криви затоа што никој не излегува на улица а да не се во прашање идентитетските прашања. Сите се криви затоа што никој не излегува на улица да се бори за некои колективни права.

Во македонската држава е се поинтересно освен економскиот стандард, социјалниот живот, просекот на платите, куповната моќ на граѓаните, ефективноста на здравствениот систем. Сето она што е уништено во последните години.

Ама зошто да се протестира против ова, кога за македонските граѓани тоа се индивидуални прашања, опиени во ерата на либерализмот.

И додека скоро цела Европа се крена на нозе заради поскапувањата на цените на основните животни трошкови. Граѓаните на македонската држава само тивко зборуваат за тоа, ама никому ништо. А да нема политички предзнак.

Тука е основната причина и за неуспехот на оваа земја. Затоа што нејзините граѓани немаат заедништво, не ги чуствуваат заедничките проблеми, немаат заедничка цел, ниту пак гледаат кон некоја светла иднина, затоа што главите им се премногу доле, а и предолгу.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button