Време е да се активира Мешовитата комисија меѓу Србија и Македонија

Претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство, Зорица Митровиќ, учествуваше на конференцијата „Билатерални договори за заштита на правата на националните малцинства – важен инструмент или…“, која се одржа во Нови Сад во организација на Центарот за регионализам и Фондацијата „Ханс Зајдел“. На конференцијата, покрај претставниците на државните институции и дипломатскиот кор, свои излагања имаа и претставници на романскиот, унгарскиот, хрватскиот и македонскиот национален совет, кои ги претставија искуствата и предизвиците во спроведувањето на билатералните договори за заштита на правата на националните малцинства.

Во своето обраќање, Митровиќ истакна дека Спогодбата меѓу Република Србија и Република Македонија имала клучна улога во институционалното организирање на македонската заедница во Србија и во формирањето на Националниот совет.
Таа нагласи дека, и покрај значајните резултати постигнати во областа на образованието, културата и информирањето, неопходно е повторно да се активира работата на Мешовитата меѓувладина комисија, како најважен механизам за решавање на прашањата од интерес за Македонците во Србија и Србите во Македонија.
„Постојната спогодба и денес претставува цврста основа за соработка меѓу двете држави, но е неопходна нејзина поактивна и поцелосна примена, со цел да се обезбеди унапредување на правата и положбата на нашите заедници“, истакна Митровиќ.
Конференцијата претставуваше можност за размена на искуства и отворање на нови иницијативи за поефикасно спроведување на билатералните механизми за заштита на националните малцинства.



