Обединети за иднината: Стратегијата претставена пред институциите и заедницата во Лесковац

Промоцијата на Стратегијата на Националниот совет на македонската национална заедница во Лесковац започна со симболична посета на Основното училиште „Вук Караџиќ“ во местото Чекмин, каде делегацијата присуствуваше на час по македонски јазик што го одржа наставничката Ана Миљковиќ.


На часот присуствуваа претставници на Националниот совет, предводени од претседателката Зорица Митровиќ, заедно со секретарот Маријан Јовановси, директорот на Македонскиот информативен и издавачки центар Озрен Симјановски, како и управителката на Фондацијата „Македонски училишен центар“ Ивана Цветковиќ. Присутен беше и амбасадорот Никола Тупанчески. Со оваа посета симболично беше означен почетокот на промотивните активности, ставајќи акцент на образованието како една од клучните приоритетни области на Стратегијата.


Во продолжение на посетата, се одржа работна средба со претставниците на локалната самоуправа и државните институции. На средбата, покрај делегацијата на Советот и амбасадорот, присуствуваа началникот на Јабланичкиот управен округ Милош Ќириќ, секретарот на Собранието на градот Лесковац Зоран Вукашиновиќ, заменик-секретарот Владимир Бранковиќ, како и членката на Градскиот совет Јелена Миљковиќ.


Разговорите беа насочени кон клучните цели и приоритети на Стратегијата, со посебен акцент на унапредување на положбата на македонската заедница, како и на можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички проекти во областа на културата, образованието и зачувувањето на националниот идентитет.


Промотивните активности завршија со средба со припадниците на македонската национална заедница во Лесковац, на која присуствуваа граѓани во голем број. На присутните најпрво им се обрати амбасадорот Никола Тупанчески, по што претседателката Зорица Митровиќ и секретарот Маријан Јованоски ги претставија клучните насоки за работа на Советот во наредниот петгодишен период.


На средбата беше нагласена потребата од заедништво и сплотување на заедницата, при што Стратегијата беше истакната како заедничка платформа за делување и остварување на поставените цели.


Активностите во Лесковац ја потврдија важноста на поврзувањето помеѓу образованието, институциите и самата заедница, како основа за долгорочен развој и зачувување на македонскиот идентитет во Србија.



