БлогВестиМакедонија

23 октомври – празникот кој ја сведочи вистината за современата македонска држава

Македонската влада на својот официјален фејсбук налог по повод националниот
празник 23 октомври – Денот на македонската револуцинерна борба напиша: „Денот
на македонската револуционерна борба е симбол на стремежите за сувереност и
државност. Храброста и истрајноста на револуционерите е инспирација да
продолжиме да работиме неуморно на просперитетот на државата. Денес Република
Северна Македонија е заедничка татковина на сите нејзини граѓани, обединети околу
принципите на слободата, човековите права и демократијата и треба да продолжи по
европскиот пат обезбедувајќи просперитетна иднина на државата, на денешните и
идните генерации“. Со истата честитка од македонската влада беше закачена и
фотографија од револуционерот Гоце Делчев.

Подоцна, на истата официјална фејбсук страница беше закачена фотографија како
владини функционери оддават почит пред споменикот на Гоце Делчен по повод 23
октомври – Денот на макеоднската револуционерна борба. Со се фотографијата беше
напишано дека „Северна Македонија го чествува „23 Октомври – Денот на
македонската револуционерна борба“ како симбол на стремежите за сувереност и
државност, но и храброста и истрајноста на македонските револуционери во борбата
за слобода, сувереност, независност и македонска државност“.

Сето ова на современите социјални мрежи изгледа бајковите. Се чини дека навистина
македонските политички челници ем ја почитуваат македонската историја, од една
страна, додека пак од другата страна, се грижат за македонската државност.
Но, за жал, и во име на вистината, не се грижат, ниту за едното, ниту за другото, и тоа
секојдневно го покажуваат.

Кога се во прашање македонската историја и македонските јунаци, македонските
политичари на тоа гледаат од случај до случај. Кога се во прашање гласовите на
македонските гласачи, односно собирањето на политички поени во предизборните
циклуси – тогаш имаат апсолутно соодветно разбирање на македонската историја, па
така и Гоце Делчев е македонски херој. Ама, кога се во прашање условите што ги
поставува официјална Софија и неспремност на македонските политичари да
напредуваат на патот кон ЕУ во суштинска смисла, тогаш ниту историја, ниту јунаци
познаваат, се е онака како ќе кажат другите, како ќе кажат бугарите, само да се
спечали некој поен во Брисел, па макар и некаков почеток на пристапни преговори, во
кои пристапувањето од денешна перспектива изледа далеку, како што некогаш, во
деветнаесетиот век изгледала и далечината до соседното село.

Од другата страна, кога зборуваат за државноста и стремежот за зачувување на
истата, битно е да се каже дека тоа одлично го прават со своите политички и
реторички доблести.

Ама пак ништо не прават во пракса. Затоа што заборавија, дека покрај неопходноста
за поседување на власт и територија, опстанокот на една држава го детерминира и
постоењето на народот. А токму тоа е она што современата македонска држава
секојдневно го губи.

Македонските села се празни, градови во внатрешноста тивки, додека пак
аеродромите со преполнети куфери на младите македонци и македонски граѓани кои
итаат кон таканаречениот Запад, каде што токму оние што им се така далеку, чиј јазик
и не го разбираат, ја знаат вредноста на македонскиот кадар и на македонскиот
работник.

Додека пак во Скопје, политичарите ја продолжуваат старата приказна – борба за
политичка фотелја, борба за власт, борба за економска моќ и емотивни пораки за
време на државните презници и ниту чекор понатаму.

Нека е Честит 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба и на
политичарите кои секојдневно тоа го злоупотребуваат.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button