Во Ниш одбележан Денот на македонскиот јазик: „Јазикот нè поврзува и нè чува“

Со свечена академија во „Македонското катче“ при Филозофскиот факултет во Ниш, Здружението на Македонците „Вардар“ достоинствено го одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и азбука.
Настанот беше посветен на значењето на македонскиот јазик како темел на националниот и културниот идентитет, со посебен акцент на важноста од негово зачувување и пренесување на младите генерации. Во рамките на програмата беше истакнато дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и чувар на традицијата, историјата и духовната поврзаност на Македонците во Србија.
Во програмата учествуваа Данијела Костадиновиќ, Ѓоко Здравески, Кирил Котевски, Маја Здравковиќ, Благе Петрушевски, Дана Здравковиќ, Александра Јаниќ Митиќ, како и студентите на Департманот за србистика, кои преку своите обраќања, поетски интерпретации и културна програма придонесоа за свеченото и емотивно одбележување на празникот.


Особено внимание беше посветено на „Македонското катче“ при Филозофскиот факултет во Ниш, каде што македонскиот јазик се изучува како изборен предмет, што претставува значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и култура во академската средина.
Претседателот на Здружението „Вардар“, Благе Петрушевски, истакна дека зачувувањето на мајчиниот јазик претставува заедничка одговорност на целата заедница.
„Преку јазикот ги чуваме нашите корени, култура и традиција. Затоа е важно македонскиот јазик да продолжи да живее меѓу младите генерации и да има свое место во образованието, културата и јавниот живот“, беше порачано на настанот.
Одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Ниш уште еднаш ја потврди активната улога на македонската заедница во зачувувањето и промоцијата на македонскиот јазик и културен идентитет во Србија.



