ВестиЗапознавањеМакедонија

150 години од раѓањето на Гоце Делчев

Денеска се одбележува 150-годишниот јубилеј од раѓањето на великанот Гоце Делчев.

Со низа манифестации во Македонија денеска ќе се одбележи 150-годишнината од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Централните чествувања ќе се одржат пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а пригодни манифестации ќе се одржат и пред други спомен-обележја на Делчев во метрополата и во другите градови низ светот каде што живеат Македонците.

Голем број од граѓаните на Македонија уште од пред 2-3 дена почнаа на социјалните мрежи да ставаат фотографии од македонскиот великан и да споделуваат цитати од Делчев во кои самиот револуционер посочува дека се бори за Македонија и Македонците.

“Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите”

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, е роден на 4. февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11. октомври 1946 година, биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Ги заветуваме идните поколенија овие свети коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија

Натпис на саркофагот со моштите на Гоце Делчев

Гоце Делчев е автентичен водач на македонското револуционерно движење. Познатиот македонски публицист, мислител и револуционер, Димо Хаџи Димов го именува како прв апостол на македонската револуција. Гоце е македонски револуционер од балкански размери. Нему му е туѓ секаков национализам и шовинизам. Тој мечтае за Балканска федеративна република како највисок дострел на збратимување на балканските народи. Главна кочница за реализирање на таа идеја, Гоце гледал во конзервативните балкански монархии, за кои Македонија е јаболко на раздорот.

Но тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците

Гоце високо го издигнал неговиот интернационален и космополитски поглед: Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите. Оваа мисла го вбројува Гоце во редот на светските хуманисти. Нејзината порака до денес не изгубила од својата актуелност.

Гоце е еден од гранитните столбови на самостојноста на македонското ослободително дело. Тој секогаш бескомпромисно стоел на браникот на самостојноста и самобитноста на македонското револуционерно движење. Христо Андонов Полјански истакнува дека Гоце Делчев е трибун на македонската самостојност и самобитност. Гоцевиот идеал е слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното населени. Негова максима е:

Ослободувањето на Македонија лежи во едно внатрешно востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, се лаже и себеси и другите.

За да се дојде до саканата цел, според Гоце: секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струи на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон жртвување. Затоа Гоце смета дека: моралната револуција, револуцијата на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголема задача.

Гоце сосема јасно ја увидел опасноста од поделба на Македонија од страна на балканските држави. Тој бил противник на секакво мешање на надворешните фактори во македонското ослободително движење. Тој одбивал секаква надворешна помош, поврзана со амбиција за манипулирање со македонското дело. Тој истакнува: Организацијата на македонскиот народ е нужна да го собори ропството над себе, а не да тргува. Гоце смета дека револуционерната борба треба да се води единствено со сопствени сили. Укажувајќи: Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив.

Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите

Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце

Гоце пледира за проширување на базата на македонското револуционерно движење преку барање на внатрешни сојузници. Организацијата се отворила за сите незадоволни елементи, без оглед на нивната етничка и конфесионална припадност. Тој меѓу првите се залага за вклучување на жените во револуционерната борба, со што ослободителното движење добило општочовечка димензија.

Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата; – или ќе водиме говеда на касапница

Гоце одиграл позитивна улога за инкорпорирањето на социјалистичката група на Веле Марков и Никола Петров Русински , со што придонел во блесокот на личноста на Никола Карев при обликувањето на Крушевската република. Гоце се пројавил како голем револуционер. Тој е еден од главните дејци за активно вклучување на селото во македонската ослободителна борба. Тој е голем противник на расчекорот и делата. Истакнува: Ќе бидете наивни, ако им верувате на нашите зборови, гледајте ги нашите дела. Тој се пројавил како голем организатор, масовник на ослободителното движење. Оттаму произлегува неговата огромна популарност и нескршлив авторитет сред македонското население. Тоа го обви неговото име со ореол на легенда. Неговиот визионерски поглед е трајно свртен длабоко кон иднината:

Ќе удри утринската зора и за нас.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button