БлогВести

Посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Западниот Балкан – динамизација, интеграција, ама не сега – „подоцна“

Услови и критериуми беа главните две теми кои ги окупираа медиумите на Западниот Балкан за време на посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц, новото лице на германската политичка сцена после пензионирањето на големата Ангела Меркел. И таа посета конечно се случи, релативно брзо од назначувањето на Шолц на чело на германската влада, а во екот на Украинската војна.

На агендата на Шолц беа Приштина, Белград, во меѓувреме Солун, па Скопје и Софија. Секаде ги испорача своите барања, кристалните ставови на германската политика во однос на регионот на Западен Балкан – ама суштински ништо ново не донесе, впрочем како што и многумина кои добро ги познаваат приликите во регионот очекуваа.

Првата стана, Приштина, беше посебно важна за приштинските власти, тоа им беше прва посета на новиот германски канцелар, ама тој, така скромен, со ништо не ги изненади, остана на ветувања за визна либерализација, ама исто така нагласи дека и за тоа ќе мора да ги убеди останатите европски партнери. А во врска со дијалогот со Белград, се чини дека беше малку повеќе настроен на приштинска страна, па отиде чекор понатаму – велејќи дека е незамисливо да Белград и Приштина бидат дел од Европската унија, а да се истовремено меѓусебно не признаваат, како држави. Само што пропушти да каже за кога е планирано тоа зачленување во европското семејство.

На втората станица, во големиот Белград, посетата беше најмачна, барем за српските власти, затоа што тој го кажал она што до сега и било кристално јасно – ставот на Берлин кон косовското прашање. Не смогна сили јавно пред медиумите да каже дека Берлин одамна веќе ја призна едностраната независност на Приштина, ама повтори дека германскиот став е сосема јасен. Па отиде и чекор понатаму, барајќи од српските власти да се приклучат кон европските санкции против Москва, тврдејќи дека е тоа логична политика за земја кандидат за членство во Европската унија. Само што повторно не одговори на прашањето кога тој кандидатски статус ќе биде заменет со полноправно членство – туку вообичаено зборуваше за неопходноста за исполнување на критериумите.

Ноќта ја помина во северната престолнина на Грција Солун. Повторно се сретна со сите политички лидери од Западниот Балкан и им вети динамизирање на процесот на европските интеграции, на зајакнување на Берлинскиот процес, на неопходноста за креирање на заеднички пазар на патот кон ЕУ – само што повторно ниту еден збор за тоа кога тој пат се завршува, поточно кога ќе биде јасно видлива целта на тој пат.

Утрото го започна во Скопје, Некои германски медиуми саркастично пишуваа за неговата посета на Западниот Балкан, велејќи дека токму македонскиот воен оркестар ја изведувал германската химна на најдобар начин – па го прогласија и за победник. На Скопје не му вети ништо посебно, како и претходниот ден во Приштина и Белград – туку дека ќе се залага македонската држава да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ до крајот на француското претседателство со ЕУ, односно до крајот на јуни – што е не само малку веројатно, имајќи ја во предвид политичката ситуација во Софија, туку дури и смешно.

И на крајот последната станица беше Софија – каде повторно цврсто, ама без резултат ги уверуваше бугарските власти да ја тргнат блокадата за Скопје и да конечно овозможат македонската држава да ги започне пристапните преговори. Ама ниту во тоа не успеа – барем засега, затоа што, како што гледаме, побрзо бугарската влада ќе падне, отколку да ја подигнат блокадата која ја имаат поставено на патот на Скопје кон ЕУ.

И кога ќе ги собереме и одземеме сите моменти од посетата на Шолц на Западниот Балкан можеме да заклучиме само едно – многу ветувања и услови, ниту еден конкретен успех, решение – не само за интересите на регионот, туку во поширок геостратегиски концепт и за целата Европска унија.

Ама тоа стана веќе вообичаена пракса во нашиот регион. Многу посети, високи официјални представници, а ниту едно конкретно решение – барем во последните дваесетина години. И ако тоа не успеа сега, во екот на Украинската војна, кога повторно на меѓународната сцена се делат геостратегиските карти – тешко е да очекуваме брзи и радикални промени, барем во догледна иднина или до следната посета на Шолц, или некој друг германски канцелар.

Поврзани објави

Back to top button