Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии.
Роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зора Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје, Република Македонија. Значајно е да се напомене дека бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје.
За Петар Мазев, Македонија е супстрат на силни емоционални доживувања. Во неговиот ликовен систем пластичната традиција на нацијата се пробива во една преносна смисла. Мазев повеќе го возбудува необично суровата, контрастна драматика на географската структура на земјата, здивот на минатото и патината што е втисната во нејзината материја, во старите згради и предмети.
Неговото творештво започнува со фигуративни композиции (во педесеттите), а речиси една деценија подоцна го прифаќа енформелскиот израз, за по неколку години да дојде на идеја да ги стави паралелно на една иста слика овие два ракописи. Всушност неговиот експресионизам минал низ неколку фази, (во кои особено е значајна „белата фаза“), за да под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилием де Куниг и групата Кобра создаде апстрактно-фигуративен експресионизам и силен колорит. Така неговото сликарство станува пример на можното заедничко опстојување на овие две ликовни експресии долго време антагонистички поставувани и толкувани.
Изработувал и мозаици и мурали: мурал во Железарницата во Скопје 1967 година, мозаици во Стопанска банка и Државна болница 1971 година во Скопје и Спомен костурница во Велес-1979 година, керамопластика кај споменикот на Илинден, Крушево, 1974 година, мурали (Автобуска станица во Кавадарци, скопската Железничка станица, Бриони, штофара “Вишешница“).
Мазев имал самостојни изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Цирих, Минхен и др. Земал учество и на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Франција, Италија, Швајцарија и др.
Последната фаза во творештвото на Мазев излегува од порано веќе мошне асоцијативната материја на неговите дела и се движи кон необични пластични агломерации.
Негови дела се наоѓаат кај голем број приватни колекционери во светот. Почина во Скопје на 13 март 1993.