БлогВести

Македонските работи и широката коалиција

Во македонската држава, како и секогаш, така и денес чудни нешта се случуваат, ама ништи вообичаено, реално, достоинствено, во согласност со националните и државните интереси, во согласност со интересите на македонскиот народ и македонските граѓани.

Овој пат повторно се се врти околу прашањето за уставните измени, за впишување на бугарскиот народ, заедно со другите малцински народи, кои живеат во македонската држава. Од страната на Софија се е јасно, тие цврсто се држат кон принципот – прво промена на Уставот, а потоа почеток на преговарачкиот процес помеѓу Европската унија и македонската држава.

Од македонската страна – ништо не е јасно. Власт веројатно дала ветување дека ќе ги реализира уставните промени. Опозицијата, од друга страна, кокетира. Прво одбиваа било каква промена на Уставот од аспект на бугарско условување, потоа бараа предвремени избори, а сега начелно би прифатиле и широка коалиција со владеачката коалиција – ама уставните измени да станат ефективни во моментот кога македонскта држава ќе стане членка на Европската унија.

Фактички опозиција во македонската држава бараат да внесувањето на бугарскиот народ биде реализирано, но уставните измени да станат важечки, а со тоа и ефективни тек кога македонската држава ќе се придружи кон европското семејство.

Во секој случај, пак се се врти околу политиката. Економијата мирува, финансиите се усмерени само кон функционерите – имајќи во предвид дека платите на функционерите се значајно зголемени, додека пак за потребите на обичните граѓани никому ништо.

Патиштата се распаѓаат – и на локално, и на регионално, и на државно ниво. Платите на граѓаните мируваат, како водата на Охридското езеро во утринските часови. Додека пак цените постојано се зголемуваат и брануваат, како и водите на Егејското море во текот на зимскиот период.

Не постои никаков политички консензус за ниту едно прашање кое е директно или посредно поврзано со државните и националните интереси. Веќе подолг временски период се е сведено на партиски, политички, лични интереси.

Граѓаните во македонскта држава се оставени на страна. Тие и онака се сето ова време соочени со две опции – да заминат во странство и да ги „вкусат“ мирисите на туѓината или да останат дома – и секојдневно мака да мачат како и секогаш.

Ниту на власта, ниту на опозицијата им е важно што навистина се случува, во кој смер се движи македонската држава, во кој смер ја движат светските трендови, глобалните ризици и закани, само им е важно како да се задржат функциите, како да се обезбеди одржливост на компаниите блиски до политичките челници, како да се осигура иднината на младите поколенија на политичките елити.

И тоа е тоа. Затоа воопшто не треба да се бара вината кај властите во Софија. Ниту кај Брисел кој толку ја одолговлекува европската интеграција на македонската држава. Туку да се погледне што се случува внатре, што се случува во дворот на македонската држава и дали воопшто на некој му е гајле дали државата, народот и граѓаните ќе напредуваат, заеднички ќе ја гледаат иднината или ќе назадуваат, како што чинеа и во последните триесетина години.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button