Евгенија Демниевска
Евгенија Демниевска е македонска мултимедијална уметничка, активна во сликарство, инсталации, видео, интерактивни проекти, интернет проекти со учество на уметници и гледачи.
Родена е во 1946 година во Скопје. Дипломирала на Академијата за убави уметности во Белград. Во раните осумдесетти се вклучила во активностите на тамошниот уметнички круг и во новата уметничка практика, каде што дејствува заедно со Раша Теодосиевиќ, Марина Абрамовиќ, Душан Оташевиќ, Радомир Дамјановиќ – Дамјан, Бојан Бем, Зоран Поповиќ, Бора Иљовски и други. Оваа генерација започнува промени на тогашната југословенска сцена, со воведување нови уметнички практики и жанрови, како инсталација, фотографија, перформанс, боди-арт итн.
Потоа Евгенија од Белград заминува на постдипломски студии во Јапонија, каде живела четири-пет години и каде се стекнува со диплома магистер по уметност и се запознава со источната филозофија, со сите предизвици на јинг и јанг, на каратето како боречка вештина. Еден период патувала и творела насекаде во светот, а во последниве три децении живее во Франција. За Демниевска е значајно што е е плодна уметница која била актуелна во секој временски период и во секој уметнички круг каде творела, од белградскиот уметнички круг, преку јапонскиот ликовен спектрум, француската актуелна сцена и конечно македонската современа иако тука најмлаку црпела знаење, влијанија, искуства, референци. Згора на тоа она по што ќе биде секогаш препознаена е тоа што е ретка авторка, од нејзината генерација ликовни творци, која рано почнала да се занимава (и сè уште се занимава) со новите техничко-технолошки помагала, со интернетот.
Демниевска создава слики, цртежи, графики, инсталации, видео арт, звучни инсталации итн. Таа веќе 30 години живее во Франција. На ретроспективната изложба насловена како „Метаморфози на линијата“ во 2017 во Чифте Амам биле претставени и изложени меѓу 50 и 60 уметнички дела кои го прикажуваат нејзиниот пат од почеток, од студентските денови, до тогаш.
”Евгенија Демниевска е македонска уметница која долги години живее надвор од границите на Македонија, но никогаш не го заборавила своето потекло. Иако „номад“ (и во буквална и во индиректна смисла, во творештвото), целиот свој живот, повторно се враќа во Македонија, од каде се полни со духовна храна и каде одвреме навреме ги презентира своите нови визуелни сознанија“, вели Франговска, кураторка на изложбата.