ВестиКултура

„Дон Жуан“ на Андреј Цветановски селектиран за 72. Фестивал на професионални театри на Војводина

Претставата „Дон Жуан“ од Молиер во режија на Андреј Цветановски, во продукција на Народно позориште – Вршац, влезе во селекцијата на 72. Фестивал на професионални театри на Војводина, како една од претставите што ја обележаа театарската продукција во Војводина за оваа сезона, според селекторката на годинешното издание на фестивалот, познатата театарска критичарка Александра Гловацки. Овој фестивал заедно со „Стеријино позорје“ се двата најголеми и најзначајни фестивали во Србија.

– Што се крие зад тоа силно освојување и нечувствителност кон сопствените жртви е основната сфера на интерес на македонскиот режисер, кој е автор на адаптацијата. Во високо естетизираната поставка, со еднаков драмски и комичен набој во актерскиот ансамбл, ова читање отвора широк простор за преиспитување на односот на главниот лик со својот татко, и со тоа давајќи му трагични размери. Вршачкиот „Дон Жуан“ не донесува само ново читање на класиката туку со минимални додатоци на текстот, а без уништување на основното ткиво, дава нова посложена драмска предлошка – пишува во извештајот на селекторката.

Во селекцијата на овој фестивал влегоа значајни режисери од театарската сцена во Србија и на Балканот, како Харис Пашовиќ, Кокан Младеновиќ, Милан Нешковиќ и други.

Најновата премиера на режисерот Андреј Цветановски беше изведена во Вршац, минатата сабота, во театарот „Стерија“. „Преку амалгамот на слики и авантури и во контраст со неговиот верен слуга Зганарел и сѐ што е во главата на главниот лик, добиваме трагикомедија на ликот и дејствијата на Дон Жуан“, посочува Цветановски, кој беше следен во режисерската идеја од Сергеј Светозарев, сценографот, музиката е на Димитар Андоновски, Софија Лучиќ е костимограф, а дизајнот на светло е на Радомир Стаменковиќ.

В.д. директорката на театарот, Снежана Удицки, за претставата истакна дека ќе ги надмине очекувањата на театарската публика во Вршац и пошироко во сите домени, нагласувајќи дека „амбициите во моментов се насочени кон тоа овој театар да стане еден од најдобрите во земјата, но и пошироко“.

– Претстава каква што театарот во Вршац можеби немал со децении. Интересно читање на режисерот, кој бара од каде доаѓа потеклото на природата на вечниот заводник низ односот со неговиот татко. Целата техничка опрема што ја доби Вршац блесна во цел сјај за оваа претстава, сценографијата на Сергеј Светозарев беше сведена, но многу практична и функционална за дејствието, и одлично вкомпонирана музика, која е дело на Димитар Андоновски и мислам дека оваа претстава ќе биде важна не само за Вршац туку и за цела Србија за оваа година – изјави за Радио Београд, Јелена Периќ.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button