Вести

Делегација на Македонскиот национален совет на чествувањето на Илинден во манастирот Св.Прохор Пчињски

На покана на државните институции на Република Србија и Република Македонија претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство Борче Величковски поведе делегација на македонската национална заедница во Србија и положи свежо цвеќе во портата на Манастирот “Прохор Пчински”. Ова е прв пат, после 2006 година, да се одбележува Илинден на ова место од страна на Македонскиот национален совет, во присуство на највисоките званичници од двете страни.

  • По речиси неочекуваното признание на МПЦ ОА од страна на СПЦ, во последниве неколку дена бевме сведоци на уште еден исклучителен гест на добрососедство, пријателство и братство од страна на државата Србија и СПЦ кон македонскиот народ, со кој претседателот Вучиќ и Патријархот Порфирије дозволија посета на висока македонска државно-црковна делегација предводена од претседателот Пендаровски – истакна претседателот на Македонскиот национален совет Борче Величковски. – Изразувам благодараност на српската држава што прокажа братска грижа за потребите на македонскиот народ да положи цвеќе по повод Илинден во Прохор Пчињски. Благодарејќи на поканата од високиот државен врв, предводев делегација на нашата заедница од Србија, во која ме придружуваа претседателот на САМС како репрезент на сите македонски организации и членки на овој сојуз и директорот на НИУ “МИИЦ” Озрен Симјановски. Положивме свежо цвеќе во име на сите Македонки и Македонци во Србија со надеж дека во иднина тоа ќе го чиниме помасовно и поорганизирано.

Цвеќе положија и македонскиот претседател Стево Пендаровски и српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, а беше служена и заедничка литургија на српската и македонската православна црква, по повод православниот празник Св.Илија.

По шеснаесет години и претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, ја предводеше државнo-црковна делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“. Претходно од неговиот кабинет соопштија дека Пендаровски телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г. г. Порфириј.

Двајцата претседатели во разговорот се согласиле дека релациите меѓу двете држави бележат одличен развој во повеќе области. Посетата на манастирот „Св. Прохор Пчински“, која се случува по речиси две децении е позитивен импулс за отворање на нови поглавја во меѓусебните релации.


Во манастирот „Св. Прохор Пчински“, одржано е првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button