БлогВести

Бриселските разговори помеѓу Белград и Приштина

Помина уште една рунда на високо ниво во преговорите помеѓу Белград и Приштина. Иако многумина во српската опозиција очекуваа потпишување на некаков документ, на некаква велеиздаја на српскиот народ и државата од страна на актуелното политичко раководство – сепак тоа не се случи.

Шефот на европската делегација Жозеп Борељ е задоволен од текот на дијалогот, напоменувајќи дека разговорите ќе продолжат и дека се работи во интерес на граѓаните во регионот, во интерес на развојот на економските прилики, во интерес на мирот и стабилноста.

Српскиот претседател исто така рече дека е задоволен од текот на разговорите, дека инсистира на формирање на Заедницата на српски општини, обврска која Приштина веќе десет години одбива да ја имплементира, дека разговорите ќе бидат продолжени со цел зачувување на регионалниот мир и стабилност, а пред се во интерес на граѓаните.

Од другата страна приштинскиот премиер рече само дека бил спремен на потпишување на француско-германскиот предлог, ама дека српската страна го одбила тоа. Рече дека за него било се прифатливо, повторно наметнувајќи ја вината на страната на Србија.

Ама повторно не рече ништо за заедницата на српските општини. Повторно не рече кога планира да го имплементира веќе договореното, повторно не рече кои гаранции ќе ги понуди во однос на тоа дека ќе се држи и дека ќе го почитува договореното.

Но битно е дека се чини дека работите одат во некоја добра насока, во насока на барем иницијално разбирање меѓу страните. Сите сме свесни дека постојат дијаметрално спротивставени позиции, но исто така сите треба да бидеме свесни дека мирот и стабилноста ни се од исклучителна важност.

Посебно затоа што на европскиот континент сме соочени со војна, посебно затоа што во овие тешки економски услови мирот ни претставува основен постулат за некаква одржливост.

Суштината на преговорите и во теориска смисла таква. Не е секогаш потребно да се постигне договор. Ама добро е да се разговара. Добро е да се има барем тој најмал заеднички именител.

Дијалогот сам по себе носи резултати, затоа што со самото нивно постоење односите не се сведени на нула. Затоа што со самото нивно постоење граѓаните се чуствуваат побезбедно, мирно и имаат барем некаква предвидливост.

Никому денес не му се потребни нови војни. Ниту на Приштина, која веќе со години наназад тоне со своите економски проблеми, ниту на Белград, кој веќе десетина години интензивно работи на национален економски развој, но и на регионална економска интеграција и динамизација.

Затоа, ајде работите да ги поставиме на вистинското место. Политичарите да продолжат да се посветуваат на националните интереси, кои дури и да се различни тоа е природно во меѓународните односи, одредени од нив да стават точка на популистичката политика која не ги води никаде,  а истовремено сите заедно да погледнеме кон иднината затоа што само така можеме да ја осигураме нашата одржливост и предвидливост на нашите идни генерации – затоа што не сме луѓе за еден ден, ниту политичари за еднократна употреба.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Погледнте и
Close
Back to top button