ВестиКултура

Светски ден на здравјето го одбележа здружението Македониум

Зорица Вукиќ, Искра Пенева и Тијана Петровиќ

Унапредување на секојдневните навики со цел за подобрување и одржување на физичкото здравје како и практични вежби беа главните точки на предавањето „Со движење и дишење до здравјето” одржано на 7ми април на Светскиот ден на здравјето во Библиотеката на град Белград а во организација на здружението Македониум од Белград. На првото предавање од циклусот на предавања за здравјето акцентот беше на физичкото здравје, а гости-предавачи беа д-р Тијана Петровиќ и Зорица Вукиќ, инструкторка по таи чи и чигонг. Модератор на настанот беше Искра Пенева.

Докторката Петровиќ од Клиниката за ендокринологија во Белград, редовно учествува на стручни конференции, и особено е заинтересирана за областта на прекумерна тежина и дијабетес, како и хипотиреоза и Хашимото тиреоидитис. Докторката Петровиќ презентираше генерациски преглед на најчестите болести на денешницата, нагласувајќи дека кај децата се почесто се јавува дијабетес, додека младите парови најчесто наидуваат на проблеми со зачнувањето. Слушателите на предавањето ги потсети на навиките што треба секојдневно да се практикуваат за поздрав живот и што секој од нас може да направи за своето здравје:

– Јадете правилно! Не прескокнувајте оброци, внимавајте на изборот на намирниците и начинот на подготовка. Одржувајте здрава телесна тежина.

– Бидете физички активни секој ден!

– Кажете му НЕ на тутунот!

– Ограничете го внесот на алкохолни пијалоци!

– Дружете се! Смејте се!

– Редовно проверувајте го вашето здравје кај избраниот лекар.

Инструкторката по таи чи и чигонг, Зорица Вукиќ, се фокусираше на влијанието на природата врз човечкото тело и демонстрираше здравствени вежби кои треба да се практикуваат во пролет.

Со цел да не се фокусираме само еден ден на нашето здравје, здружението Македониум организира циклус од предавања за унапредување на психо-физичкото здравје во тек на април и мај на различни теми. Следното предавање со тема „Влијание на боите врз здравјето и арт-терапија”, придружено со работилница, ќе се одржи во четврток на 17ти април од 19 часот во Библиотеката на град Белград.

Уште неколку факти за Светскиот ден на здравјето

Одлуката да се 7ми април секоја година одбележува ширум светот како Светски ден на здравјето беше донесена на Првото Светско здравствено собрание во 1948 година, а официјално стапи на сила во 1950 година. Светскиот ден на здравјето се слави, од една страна, како годишнина од основањето на Светската здравствена организација (СЗО), но во исто време, на овој ден, СЗО го привлекува вниманието на светската јавност на најзначајните проблеми поврзани со здравјето на луѓето на глобално ниво. Светскиот ден на здравјето денеска го препознаваат и одбележуваат многу влади и невладини организации заинтересирани за јавното здравје, вклучително и Владата на Република Србија.

Се спроведуваат акции на одредена тема како што се предавања, дистрибуција на промотивни материјали, медиумски кампањи, едукација на здравствените и други работници и поединци од сите возрасти, организирање бесплатни прегледи и давање совети во здравствените домови. Секоја година темата ја препорачана од страна на Светската здравствена организација па така претходните години некој од темите беа: глобална превенција на дијабетес (2016), депресија (2017), 2018та година беше посветена на здравјето за сите, а во 2020та година слоганот беше „Поддршка на медицинските сестри и акушерките”. Овогодинешниот слоган е „Здрави почетоци, светли иднини” со што започнува едногодишната кампања фокусирана на здравјето на мајките и новороденчињата.

Фотографии: Александар Пенев

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button