Колку повеќе ве има во светот, толку повеќе постоите: Aрхеолошки предмети од Македонија првпат во САД и Канада
Големата изложба „Првите кралеви на Европа“ неодамна е отворена на Филдовиот музеј во Чикаго. Во поставката со стотици предмети од предисторијата ќе бидат и 19 антиквитети од територијата на денешна Македонија.
Како од првите земјоделски заедници се формирале првите кралства во Европа. Какви промени се случиле во општествената организација, економијата, религијата, војувањето… Балканот бил клучна точка во раѓањето и пренесувањето на овие идеи во Европа, вели археологот д-р Гоце Наумов, координатор на македонскиот дел во големата изложба „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europe). Во поставката со стотици предмети кои луѓето што живееле на Балканот ги создале меѓу 6.500 и 500 година пред новата ера ќе бидат и 19 антиквитети од територијата на денешна Македонија.
Идејата потекнува од Филдовиот музеј во Чикаго кој често организира спектакуларни изложби со фокус на средини и теми кои не ѝ се многу познати на американската публика. Тие сакаат да претстават предмети кои привлекуваат внимание и имаат огромно влијание во манифестирањето на човечките достигнувања во (пред)историјата. – Колегите Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон, воедно и иницијатори на изложбата, ме контактираа да бидам македонски координатор на проектот и заедно со уште дваесетина музеи од регионот ќе учествуваме во најголемото претставување на балканската предисторија во светот. Поканата беше секако голема привилегија за мене и предложив во соработката да се вклучат повеќе македонски музеи, вели Гоце Наумов.
– Целта ми беше, покрај презентирањето на македонското предисториско наследство, да се вклучат музеи кои досега биле занемарувани во домен на меѓународните археолошки изложби во кои учествувала и Македонија, што секако ќе доведе и до афирмирање на овие институции. Затоа ми е многу драго што во изложбата ќе учествуваат и Заводите за заштита на спомениците на културата и музеи од Битола и од Прилеп и Музејот од Гевгелија – институции со кои соработувам долги години и кои дефинитивно имаат што да покажат пред светот.
Целта на изложбата е да покаже како постепено се случуваат општествени трансформации во предисторијата од егалитарниот неолитски период до монархиското железно време. Како од првите земјоделски заедници се доаѓа до првите кралства во Европа. Овие стопански и социјални процеси се проследени со многу новини во домен на општествената организација, економијата, верувањата, обредите, религијата, војувањето, демографијата итн. Секако, најдобар показател за тоа се предметите што ги изработувале луѓето во предисторијата, а преку кои се манифестираат комплексни социјални и симболички идеи. Со оглед на тоа што Балканот претставува клучна точка во раѓањето и пренесувањето на овие идеи во Европа, не случајно овој регион беше избран да биде во фокусот на изложбата. Во изложбата учествуваат 11 земји од Балканот и соседството и тоа претставени преку дури 26 музеи, што досега е најголемо вакво здружување на балкански институции во историјата на археологијата и очигледно претставува огромен и комплексен проектен зафат. Затоа требаше и повеќе време сета изложба добро да се организира.
– Треба да се истакне дека ова е прва изложба на археолошки предмети од Македонија во Северна Америка и затоа беше битно да се изберат врвни репрезенти на уметничките, технолошките и симболичките достигнувања во предисторијата. На оваа турнеја ќе бидат изложени 19 предмети од Завод и музеј – Битола, Музеј Гевгелија и Завод и музеј – Прилеп, кои се вистински одблесоци на предисторијата во Македонија, и тоа од неолитот, енеолитот и железното време (6.500 – 500 г.п.н.е). Затоа, како наши претставници во изложбата не случајно ги избравме неолитскиот жртвник од Врбјанска Чука (кој го акцентира значењето на првите житарици), потоа скиптарот од Шуплевец (кој обредно ја истакнува појавата и улогата на првите коњи), како и металниот накит од Милци (кој посочува на социјалната стратификација меѓу благородниците во раните кралски општества).
Веруваме дека овие предмети, како во своите предисториски доба, така и денес ќе ги пренесат пораките врзани за суштинските начела на луѓето во неолитот, енеолитот и железното време во Македонија, но и на Балканот. Покрај тоа што изложбата ќе биде одлична можност американската публика да се запознае со балканската предисторија, ќе ѝ се овозможи да ги осознае и клучните сегменти во (пред)историјата на човештвото, како што се земјоделството, металургијата и монархистичкото уредување. Тоа воедно ќе биде и одлична можност на највисоко музеолошко и научно ниво да се презентира и македонското културно наследство, но и Македонија како држава која не ѝ е многу позната на американската публика.