
Овогодинешната традиционална манифестација, Денови на Македонската култура во Белград, насловена како „Допир на Македонија“, во организација на здружението „Македониум“ и под покровителство на Националниот совет на Македонското национално малцинство и Министерството за култура на Република Србија, официјално ќе биде отворена со изложба на слики од македонскиот уметник Тодор Јовановски. Отворањето на изложбата е закажано за вторник, 7 мај, во 19 часот, во просториите на Завичајниот музеј Жарково – Музеј на град Белград.

Уметничкото творештво на Тодор Јовановски претставува длабока емоционална и културна врска со Македонија, а во оваа пригода, изложбата добива и хуманитарен карактер. Имено, по повод на неодамнешната трагедија што го погоди градот Кочани, сликарот Јовановски ја донира својата слика „Виолинистка“ (масло на платно, 70 x 50 см, 2016, врамена). Средствата од продажбата на оваа слика ќе бидат насочени кон помош на семејствата на пациенти од Кочани кои моментално се лекуваат во Белград.
Ги покануваме сите љубители на уметноста и пријатели на Македонската култура да го поддржат овој значаен настан со своето присуство и да учествуваат во оваа благородна иницијатива. Понудите за купување на сликата може да се испратат на е-маилот на здружението makedonium.belgrad@gmail.com.
Почетната цена на сликата е 5.000 динари.
Програма на настанот:
Манифестацијата Денови на Македонската култура во Белград „Допир на Македонија“ се организира по 14-ти пат по ред, по повод прославата на празникот Свети Кирил и Методиј.
На 9 мај, во Академија 28, ансамблот на Здружението „Македониум“ ќе организира концерт по повод 10-годишнината од своето основање и ќе биде домаќин на учесници од Културниот центар „Колан“, пејачките групи „Срма“ и „Луњина“, како и хорот на основното училиште „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка. Овој настан ќе биде и од хуманитарен карактер, па секој што сака ќе може да купи билет за 300 динари за помош на повредените од Кочани.
Билети ќе бидат достапни и за гостувањето на претставата „Земјата на штрковите“ на театарот „Провокација“ од Скопје, што ќе се одржи во Театар 78 на 15 мај во 19:30 часот. Би сакале да напоменеме дека влезот е бесплатен и дека купувањето билети не е задолжително, туку доброволно и од хуманитарен карактер.
На 22 мај, во Градската библиотека во Белград ќе се одржи свечена академија посветена на просветителите Св. Кирил и Методиј, каде што ќе гостува претставник на Институтот за македонски јазик од Скопје, Симона Груевска Маџоска.
На 28 мај, во куќата на Ѓуро Јакшиќ ќе биде организирана поетска вечер со портрет на поетесата Емилија Тодорова од Австралија.
Настанот ќе биде затворен на 2 и 3 јуни со филмска ревија од македонскиот режисер Љубиша Георгиевски во кино салата на Етнографскиот музеј во Белград.
Програмата на настанот оваа година беше поддржана и од компаниите Алкалоид и Фудекс.